СДСМ: Мицкоски и Адамовиќ ги поврзува бизнисот со струја, затоа молчи

СДСМ

Мицкоски и Адамовиќ ги поврзува бизнисот со струја, затоа молчи, рече на прес конференција на СДСМ, Јон Фрчкоски, член на Извршниот одбор на СДСМ, како сознанија на антикорупцискиот тим кој ги открива бизнис-шемите на Мицкоски и нивната поврзаност.

„Веќе објавивме дека сопругата на неговиот партнер во хидроцентралите, Мицкоски ја назначи за директорка на Развојната банка, иако е сопственичка на компанија од енергетскиот сектор. Денеска објавуваме нов сегмент од бизнис-мрежата на Мицкоски – релациите и групациите во енергетиката и бизнисот со струја“, истакна Фрчкоски.

Тој нагласи дека 15 дена постојано го прашуваат Мицкоски: кој е Душан Адамовиќ и зошто е поставен за почесен конзул во Србија, а тој не одговарал.

„Зошто? Денеска ќе откриеме еден сегмент. Мицкоски молчи за Адамовиќ поради поврзаноста со бизнисот со струја и енергетиката. Душан Адамовиќ, почесен конзул во соседна Србија назначен од владата на Мицкоски, функционер на СНС – сестринската партија на ВМРО – е директно поврзан со две компании“, посочи Јон Фрчкоски.

Фрчкоси изнесе податок дека Адамовиќ е директор на фирмата WBA TEAM ENERGY, регистрирана во 2023 година, и директор на фирмата WBA ENERGY ДОО, регистрирана на иста адреса. Сопственик на овие фирми е офшор компанија од Кипар – EVELIXON TRADING LIMITED, која се врзува и со трговија со струја.

„Што е заедничко за оваа компании? Бизнисот во енергетиката и бизнисот со струја – омилениот бизнис на Мицкоски. И ова е само еден мал сегмент“, рече Фрчкоски.

Тој најави дека деновите што следуваат СДСМ ќе објави и поширока мрежа на поврзаности на Адамовиќ со актуелни членови на Владата.

„Дали постои поврзаност со Сања Божиновска и на кој начин? До каде води оваа мрежа на бизниси во енергетиката? Нека видат граѓаните. Бидејќи за Мицкоски сè е бизнис. Дали сега е појасно зошто Адамовиќ е поставен за почесен конзул? Дали е сега појасно зошто молчи Мицкоски? Зошто има фотографии со него, зошто присуствува на настани на ВМРО?“, наведе Фрчкоски прашања за кои се очекуваат одговори.

Антикорупцискиот тим на СДСМ продолжува со работа, рече тој и сè ќе биде објавено.

Зачлени се на нашиот е-билтен