Шефот на платеничката злосторничка група Вагнер, Евгениј Пригожин, ги напаѓа највисоките воени сили на Русија и предупредува дека обичните Руси, сè пофрустрирани од недостатокот на напредок во војната во Украина, би можеле да се побунат. Дали режимот на рускиот претседател Владимир Путин е во реална опасност?
Нина Л. ХРУШЧЕВА*
Војната на Русија против Украина, во најмала рака, не помина според планираното. И сега Евгениј Пригожин, началникот на приватната воена компанија Вагнер Груп, ги ескалира своите јавни напади врз руската војска. Се поставува прашање како Пригожин успева да се извлече од репресивната политика на Кремљ со која агресивно се потиснува секое несогласување со постапките на Путин?
Откако ја започна својата „специјална воена операција“ во февруари 2022 година, претседателот Владимир Путин тврди дека се стреми кон различни цели. Откако првично бараше „денацификација“ и „демилитаризација“ на цела Украина (преземајќи ја контролата над неа), тој ја смени целта со намера да го „ослободи“ источниот регион Донбас. Тој, исто така, зборуваше за одбрана на „историските граници“ на Русија и инсистираше на тоа дека Западот го принудил да ја нападне Украина.
Овие реторички промени ја рефлектираат динамиката на бојното поле – особено, постојаните неуспеси, грешки и погрешни пресметки на руските сили. Едноставно кажано, Путин се обидува да си ја спаси претставата за себе си. Но, Пригожин – од кого Путин станува сè позависен за да има победи на бојното поле – не му го олеснува тоа.
Во опсежното интервју со про-Кремљ политичкиот блогер Константин Долгов, објавено на 24 мај, Пригожин се буни против специјалната воена операција. Наместо да ја денацизира Украина, истакнјува тој во тоа интервју, Русија ја направи „светски позната“. Наместо да ја „демилитаризира“, Русија ја милитаризираше Укарина.
„Ако [Украинците] имаа 500 тенкови порано, сега имаат 5.000. Ако тогаш беа вешти 20.000 борци, сега се 400.000“, посочува Пригожин во истото интервју.
Пригожин ја префрли вината директно на руските елити, особено на високите воени лидери, обвинувајќи ги за недостаток на посветеност на војната. Предупреди дека обичните Руси, сè пофрустрирани поради недостатокот на напредок, би можеле да се побунат. Единственото решение, според него, е ескалација на воените операции, прогласување воена состојба и започнување „нов бран на мобилизација“. Во спротивно, „можеме да ја налутиме Русија“, вели Пригожин, сопственикот на приватната војска „Вагнер.
Пригожин: Русија да се прегрупира и да продолжи поагресивно
Пригожин не греши кога ја доведува во прашање посветеноста на руските елити во воените операции. На почетокот на јуни, Константин Затулин, пратеник во Државната дума на партијата на Путин, Единствена Русија, пренесе слично чувство – дека „многу цели на операцијата изгубија значење… нема резултат“. Тој инсистира на тоа дека Русија треба да се прегрупира и да продолжи, но неговите коментари изразија збунетост за она што се случува на врвот на Кремљ. Практично целиот кабинет – вклучително и министерот за одбрана Сергеј Шојгу, омилена цел на Пригожин – би сакал да избегне понатамошна ескалација, а војската можеби ќе смислува стратегии за таа цел.
Ова е прагматична одлука. Повеќето од владејачката класа во Русија веруваат дека на Русија и ќе биде тешко да ја добие војната. Колку повеќе се бори, толку повеќе Русија може да се претвори во еден вид Северна Кореја, земја подготвена да жртвува сè – животниот стандард, безбедноста, дури и суверенитетот, бидејќи земјата станува сè позависна од Кина која ги посакува нејзините ресурси – за да ги задоволи опсесиите на лидерот, односно на Путин.
Но, Пригожин е во ред со тој исход. Тој сака Русите да се откажат од материјалните удобности (нему лично не му сметааат огромните суми што ги заработува од војната) во име на митската „уникатна земја-цивилизација“ како што ја претставуваат Русија и поширокиот Руски Мир (рускиот свет). Според него, одбивањето на руските елити целосно да го прифатат џингоизмот е неодбранливо, особено во услови на зголемена смртност на цивили од украинските напади на руска територија. И тој не е сам.
Сега, како и во ерата на Сталин, непријателите се насекаде
Немилосрдната пропаганда можеби не ги убеди обичните Руси да се приклучат на воените напори, но го поттикна нивниот бес. Кога бев во Москва во јануари, можеше слободно да се изрази незадоволство кон Кремљ – барем во релативно приватни општествени услови. Сега, како и во ерата на Сталин, непријателите се насекаде. Пријателите и соседите известуваат еден за друг, а работниците во кафулињата ги прислушуваат своите клиенти.
Некои од овие разбеснети Руси почнуваат да гледаат непријатели насекаде и повеќе не би имале ништо против целосна милитаризација на политичкиот и економскиот систем на Русија. Тие сè уште се про-Путин, но како што војната се одолговлекува, тие сѐ повеќе се сомневаат во неговата моќ. Значи, дали револтот што Пригожин го замислува – и се чини дека го посакува – станува поверојатен?
За да се одговори на тоа прашање, мора да се земе предвид влијанието на Пригожин кое почива на страшниот рекорд на победи на бојното поле и на злосторствата на групата „Вагнер“. Бесните Руси, исто така, може да бидат привлечени од неговата безмилосна реторика („куче добива кучешка смрт“, рече тој за видеото на кое се прикажува егзекуцијата со чекан на поранешен вагнерски платеник кој ја сменил страната во Украина).
Фактот дека Пригожин може да ги критикува воените напори без последици – неговиот соговорник Долгов беше отпуштен поради интервјуто – само ја зголемува неговата мистика. Во Санкт Петербург, неговиот роден град, сега се нудат туристички обиколки „Пригожин со водич“, исто како оние „Петербург на Набоков“ или „Петербург на Пушкин“.
Но, Пригожин не го користи ова влијание за да го предизвика Путин. Напротив, кога ги напаѓа руските воени и политички елити, го одвлекува вниманието од човекот на врвот. И, на крајот, Путин веројатно се согласува со голем дел од ставот на Пригожин. По речиси четвртина век на власт, Путин нема капацитет да води револуција на терен. Но, војната во Украина – и неговата често неприкосновена реторика – покажаа дека тој е поттикнувач во срцето.
Пригожин е надвор од системот, но системот е она што му служи. Во оваа смисла, тој е многу сличен на Григори Распутин, „мистичниот монах“ кој се спријателил – и имал силно влијание – со последното царско семејство на Русија, Романови, пред револуцијата во 1917 година. Во двата случаи, државата немаше кохерентност, а одговорниот човек не покажа соодветно лидерство, дури и кога даваше наредби. Природните елементи се појавија за да ја пополнат празнината, не со обидот да се погоди што сака шефот и да го изврши тоа, туку со тоа што се етаблираа како сили со кои треба да се смета – сето тоа наспроти позадината на народниот бес.
Путин би можел да се идентификува со Пригожин и да оддаде признание за придонесот на групата „Вагнер“ во напорите да се уништи Украина. Но, тој мора да разбере дека независноста, смелоста и амбицијата на Пригожин го поткопуваат социјалниот контекст што е суштинско за опстанокот на режимот. Распутин се соочи со страшен крај откако се стави себеси на мета на декадентна елита. Пригожин би можел да биде на сличен пат.
Преземено од Project Syndicate
*Нина Л. Хрушчева, професор по меѓународни односи во The New School, е коавтор (со Џефри Тејлер), на неодамна објавената книга „По стапките на Путин: Потрага по душата на една империја низ руските единаесет временски зони“ (Свети Мартин , 2019).