Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Удри по „циганите“ за да ги здоболе Бугарите!

Омраза (фотомонтажа)

Ромите, ни криви ни должни, станаа мета на говор на омраза по претепувањето на охриѓанецот Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис III“ во Охрид. Поради инцидентот во Охрид, министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков го повлече бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов кој ќе остане надвор од Северна Македонија се додека, како што рече, Софија не види знаци на промена.

Твитер профилот Димко при споделување на веста дека Бугарија го повлекува својот амбасадор од земјава, коментира: „Од кога зборам дека треба да се избрка циганскиов амбасадор во Македонија“.

Наместо на културен и цивилизиран начин, со факти и аргументи да му се спротивстави на бугарскиот национализам, извесен З. Салџиев (Еден од многу Македонци), на Твитер објави фотомонтажа на која се гледаат група Роми кои носат транспарент „Нема Бугари има Цигани“.

Всушност, вистинската фотографија е од антифашистичка манифестација на Ромите по воспоставувањето на новата власт во Софија, Бугарија, на 09.09.1944 година. Натписите на транспарентите се: „Долу расните разлики“ и „Да живее Татковинскиот фронт. Смрт на фашизмот. Ромска Махала Софија“.

Ваквите обиди да се навредат Бугарите дека се „цигани“ (демек се помалку луѓе, марсовци, или дека се луѓе од втора, трета, четврта класа… или што и да ви значи во превод зборот „цигани“), воопшто не ве прават поголеми Македонци! Напротив. Болката за навредите не се лечи со навреди, особено не кон трети лица (етникуми), кои воопшто не се инволвирани во случајот.

Дехран Муратов (ЦивилМедиа)

Зачлени се на нашиот е-билтен