Улицата Мирослав Крлежа кај Грчката амбасада во Скопје да стане пешачка зона, предлага група архитекти, објави онлајн медиумиот СДК.мк.
Организирани во „Мелеем Маало“, архитектите распишале конкурс за идејно решение за овој простор и избрано е најдоброто идејно решение, кое ќе биде донирано на Општина Центар.
Архитектите се надеваат дека Општината ќе го реализира овој проект според нивното донирано решение, кое дава свежина и боја на овој јавен простор.
Првото место според гласовите на публиката и на професионалната комисија го освои архитектката Сања Јаковлеска.
Професионалното жири се состоеше од Доротеј Нешовски (уметник), Наталија Зафироска, Даница Павловска, Марија Димитриевска, Мила Димитровска, Ангела Ивановска, Елена Марковска, Сара Симоска (архитекти), Драган Стојановски (дизајнер на ентериер), Јане Стојаноски (урбан планер), Изабела Левенска-Миљаниќ (уметничка кураторка), Стефанка Хаџи Пецова (пејзажна архитектка) и Ирина Атанасков (архитектка и уметница).
