Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска во гостување на ТВ Сител најави нови преговори со раководството на ОКТА за зголемување на рабатот за трговците, што би овозможило дополнително намалување на малопродажните цени независно од државните давачки.
За новата пресметка на РКЕ која го смени членот само еднаш неделно да крои одлука, министерката вели дека ќе види како ќе се движат цените и ги следат цените на светските берзи.
Околу евентуално намалување на акцизата за горивата, Божиновска вели дека како држава може да делуваат со намалување за еден, два или четири денари.
-Со нашата одлука за намалување на ДДВ на горивата, се одлучивме за поголема мерка и секако имаме план. Разговараме и со Брисел и гледаме секоја земја како ќе носи одлуки, истакна Божиновска.
За критиките на опозицијата по денешната владина одлука, министерката укажува дека се работи за сериозна работа и ако има конструктивни предлози ќе ги прифатат. Не се сложува дека граѓаните нема да видат ефекти, како што велат од СДСМ.
Министерката Божиновска, нагласи дека снабдувањето со горива е стабилно, делумно благодарение на оперативниот продуктовод Солун – Скопје.
Поради фактот што земјава моментално нуди најниски цени во регионот, забележан е зголемен конзум во пограничните региони, каде странски државјани точат околу 150.000 литри гориво дневно. Иако ова претставува дополнителен притисок од околу 9% до 10% врз вкупната потрошувачка, Владата засега нема да воведува рестрикции за странци.
Најголем интензитет на ваквата појава е забележан во Гевгелија и Битола на јужната граница кон Грција, во Куманово на северната граница кон Србија и во Дебар, Струга и Охрид на западната граница.
