Македонија ѝ го расчисти патот на Данска до мегданот со Трамп

Во Копенхаген, Македонија не успеа да ја испречи Данска на патот кон Светското првенство во САД, каде што таа репрезентација веќе се навестува како симболичен противник на американските апетити кон Гренланд. Бледата, безидејна игра на нашите фудбалери го претвори полуфиналето во скратена процедура, а Данска доби она што најмногу ѝ требаше – мирен, регуларен чекор поблиску до, за нив, една од најголемите спортско‑геополитички сцени на 21 век.

Полуфиналето за Данска беше само тренинг и евтин билет до последната станица пред САД

Резултатот 4:0 е цинична бројка затоа што ја кажува целата приказна без премногу да се анализира. Дамсгор, двојката на Исаксeн и Норгорд само го заокружија она што се гледаше од првите минути. Македонија во Копенхаген од почеток се постави како да преживее, а не како да изненади. Домаќините доминираа во посед, шутеви, интензитет, мечот повеќе личеше на квалификациски рутински термин, отколку на плејоф битка за Мундијал.

Со оваа победа Данска оди во финале против Чешка, повторно во Копенхаген, во меч за „сè или ништо“.Според прогнозите и коефициентите, Данците се фаворит. Домаќини, во налет по 4:0, против Чеси кои до финалето стигнаа со многу мака и пенали против Ирска. Од перспектива на Данска, Македонија беше идеален, доволно слаб противник, да не го потроши тимот и да не им предизвика никаков непотребен стрес.

Учеството на Данска на Мундијалот ќе донесе и геополитички судир на наративи околу Гренланд

Причината поради која ова финале меѓу Данска и Чешка има тежина поголема од обичен квалификациски меч се наоѓа далеку од Копенхаген, односно во Вашингтон и на замрзнатата територија на Гренланд. Доналд Трамп и натаму ја држи активна својата опсесија со Гренланд, од идејата за купување до поотворени пораки за тоа дека американската воена и економска реалност треба да се совпадне со територијалната.

Данска, мал НАТО‑сојузник, одеднаш се најде во позиција да му кажува НЕ на најмоќниот член на алијансата, бранејќи остров кој формално е дел од Кралството, но суштински е и своја, гренландска политичка приказна.

Ако Данска го добие финалето, добива билет за Светско првенство каде мнозинството натпревари ќе се играат во САД, во дворот на претседателот кој не ја крие желбата за редефинирање на границите на нејзината држава. Тој настап не би бил само спортска чест, туку и нежно, но упорно потсетување: северно од Канада постои земја која не сака да стане 51-та сојузна држава, туку да остане во рамките на Данска и во рамнотежата што си ја избрала.

Мундијалот 2026 е планиран како голем ПР момент за САД. Полни стадиони, меко, но моќно враќање на „светската сцена“ по внатрешните поделби и глобалните тензии. Но со Данска во игра, тој спектакл може да добиенеочекувана сенка, а тоа е репрезентација која на секој прес ќе ја носи со себе темата Гренланд, било преку прашања на новинарите, било преку симболични гестови. Европските влади и спортски тела досега внимателно избегнуваат зборови како „бојкот“ или „санкции во спортот“, но и самото присуство на Данска на американски терен е форма на тивок отпор. Не ја напуштаме арената, доаѓаме во неа и низ фудбалската игра ја раскажуваме нашата јасна порака за суверенитетот на данскиот Гренланд.

Подарокот од Скопје за Копенхаген (и индиректно за Гренланд)

Назад кај македонскиот фудбал. Со својата слабост во Копенхаген, македонската репрезентација не го заостри, туку го ублажи патот на Данска кон овој спортско‑геополитички мегдан. Наместо нервозно полуфинале што ќе оставеше трага, добивме еднонасочен меч кој им овозможи на Данците да ја задржат свежината, самодовербата и домашната еуфорија за финалето со Чешка.

Заклучокот од овој развој е непријатен, но искрен: слабата игра на македонските фудбалери му го олесни патот на данскиот тим до Светското првенство и со тоа, му го олесни патот до сцената на која Данска ќе се судри со геополитичките амбиции на своjот најголем сојузник. Во обид да стигнеме на Мундијалот, завршивме како спореден лик во туѓа приказна: додека ние повторно остануваме дома, Данска се бори да стигне во САД не само да игра фудбал, туку и да ја брани линијата што го поврзува Копенхаген со Гренланд, директно пред очите на Трамп

Зачлени се на нашиот е-билтен