Бехтел и Енка е над законот во оваа држава, порачаа граѓани на протестот, обраќајќи се и кон полициски службеник кој сакал да им го ограничи движењето и местото на протестирање. Граѓаните тврдат дека на просторот каде што протестирале, има девет извори и дека токму од тие извори околу 30 проценти од количината на питка вода се слева кон Прилеп, кој, како што наведоа, и онака има сериозен проблем со водоснабдувањето.
Во нивното обраќање, граѓаните рекоа дека тоа се единствени извори од кои градот добива вода и предупредија дека секое загрозување на овој појас директно го отвора прашањето за безбедноста на водата за пиење. Тие посочија дека Прилеп веќе носи вода од Западна Македонија, од селото Горни Добреноец, на растојание од повеќе од 80 километри, и оти изворите на Бабуна се од клучно значење за градот.
Протестот доби уште потежок тон кога граѓаните тврдеа дека Бехтел и Енка детонирале пет тони експлозив, иако, според нив, дозволената количина била 150 килограми. Во обраќањето до полицијата тие прашаа кој ќе ги заштити од таквите детонации, тврдејќи дека од нив веќе биле испукани повеќе од 70 куќи во селото, како и црквата.
На почетокот на протестот, полицискиот службеник им вели на граѓаните да ги исклучат телефоните и да не снимаат за, како што наведува, „да си поразговараат“. Истовремено, им е кажано дека не смеат да протестираат на локален пат, иако самите граѓани тврдат дека протестот бил уредно најавен. Така, освен спорот околу експлозиите и водата, протестот отвори и прашање за односот на институциите кон граѓанскиот отпор.
Граѓаните на Прилеп и жителите на Оревоец протестираат против ‘Бехтел и Енка’ затоа што ископите и минирањата се прават премногу блиску до селото. Тие велат дека со тоа се загрозуваат водата, природата, куќите и имотите, дека не се согласуваат со концесијата и бараат институциите да го стопираат ископот и да најдат друго решение.