Мицкоски ја посети земјата што го поткопува правниот поредок, а владеењето на правото тоне

Фотографија од официјална ФБ страна на премиерот Христијан Мицкоски

Владеењето на правото тоне и натаму во Унгарија, предупредува организацијата Либертис во извештајот за 2026 година, во кој земјата е издвоена како посебен случај во Европската Унија поради, како што се наведува, континуирано носење сè порестриктивни закони и политики без јасни знаци на промена. Во истиот извештај, Унгарија е вброена меѓу петте влади во ЕУ што „доследно и намерно“ го поткопуваат владеењето на правото.

Извештајот е подготвен врз основа на податоци од повеќе од 40 организации во 22 земји и опфаќа над 800 страници, а неговата најтешка оценка не е само за Унгарија, туку и за слабата ефикасност на европските механизми. Според Либертис, 93 проценти од препораките на Европската комисија од 2025 година биле повторени од претходно, кај 61 од 100 анализирани препораки немало никаков напредок, а кај уште 13 состојбата дополнително се влошила.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска повторно беше во Будимпешта, каде предводи шестчлена владина делегација во политичко-економска посета на Унгарија. Во агендата е средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан, како и обраќање на бизнис-форум во Будимпешта посветен на деловната соработка меѓу Унгарија и Северна Македонија. Ова не е негово прво патување таму откако стана премиер, бидејќи во март 2025 во Будимпешта се одржа унгарско-македонски владин самит, а во мај истата година Мицкоски повторно беше во Унгарија на конференцијата CPAC.

Така, посетата на Будимпешта доаѓа во момент кога Унгарија повторно е ставена во фокусот на европските извештаи како држава во која ерозијата на институциите не се чита како привремен политички застој, туку како подлабок модел на назадување. Наместо само протоколарна слика од нова средба со Орбан, ова патување се случува во ден кога една од најгласните европски граѓански мрежи уште еднаш предупреди дека правниот поредок во таа земја продолжува да слабее.

Зачлени се на нашиот е-билтен