Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски наместо да најавува нова зона во Ново Лисиче најавена уште пред 4 години од Тимчо Муцунски и Данела Арсовска, нека го одложи стартот на зоната во Реонски Центар со цел да ги воведе и двете зони истовремено, бараат од СДСМ, додавајќи дека тоа е барање на граѓаните.
„Го потсетуваме Орце Ѓорѓиевски дека неговиот колега Дејан Митески уште во јули минатата година изјави дека Општина Аеродром изготвила проект и дека чека одобрување од Град Скопје за истовремено воведување на зонското паркирање во Ново Лисиче и во Реонски Центар.
Граѓаните не забораваат. Истовременото воведување на зонското паркирање во Ново Лисиче и Реонски Центар е предизборно ветување на Дејан Митески.
Трпението на жителите на Ново Лисиче е при крај. Градоначалникот Митески наместо да дели лекции за надлежностите на Општина Аеродром, нека седне со својот колега од Град Скопје и нека го договорат истовременото воведување на зонското паркирање во Ново Лисиче и во Реонски Центар“ велат од СДСМ.
Оттаму додаваат дека парцијалното воведување на зонско паркирање прво во Реонски Центар, ќе предизвика уште поголемо продлабочување на хаосот со паркирањето во Ново Лисиче.
„Го потсетуваме Дејан Митески дека денеска е последен ден кога може да ја закаже итната седница на Советот на Општина Аеродром и заедно со Орце Ѓорѓиевски итно да го решат проблемот што вештачки го создадоа. Доколку тоа не го направи нека биде подготвен да се соочи со револтот на нашите сограѓани од Ново Лисиче“ се наведува во соопштението.