Училиштето знаело за насилството, Катја барала помош од соседи

Фото Слободен печат – Методи Здравев

На денешното рочиште во Основниот кривичен суд за случајот со Стојанче Јовановски, обвинет во предметот поврзан со смртта на Ивана и шестгодишната Катја, сведочеа наставничката на девојчето и сосетка од зградата во која живеело семејството. Нивните искази се однесуваа на сознанија за семејно насилство, постапувањето на училиштето и настани што, според сведочењата, му претходеле на 2 март.

Наставничката изјави дека уште на првата родителска средба во септември, на која присуствувала бабата на Катја, била информирана дека во семејството има насилство од страна на таткото. Таа рече дека за тоа веднаш бил известен училишниот психолог, а по неколку дена, кога во детска игра Катја покажала сцена во која мајката паѓа кога таткото ја удира, психологот разговарал и со девојчето и со Ивана. Според сведочењето, на мајката ѝ било укажано каде да се обрати во случај на семејно насилство.

Во истиот исказ беше наведено дека Катја најчесто ја носеле и ја земале од училиште мајката и бабата, а нејзините цртежи најчесто ја прикажувале само мајката. Наставничката кажа и дека обвинетиот еднаш влегол во училница, а другпат дошол нервозен барајќи контакт од родител на друго дете. Пред новогодишните празници, според сведочењето, бабата ја известила дека Ивана повторно се вратила кај таткото на Катја и изразила загриженост за нивната безбедност.

За 2 март, наставничката сведочеше дека Катја тој ден ја донела бабата, а подоцна, иако претходно било кажано дека ќе ја земе бабата, околу 13:30 часот во училиштето дошла Ивана и ја зела по завршувањето на часот по физичко. Таа изјави дека девојчето тој ден било расположено и дека претходно раскажувало оти било на шопинг со мајка си.

Во судницата сведочеше и сосетка, која изјави дека подолг период од станот се слушале викање, тропање и удирање, како и гласови на Катја. Таа рече дека двапати повикала полиција, а при една од интервенциите, според нејзиниот исказ, полицаец ѝ се заканил со кривична пријава за лажно пријавување. Во сведочењето беше пренесено и дека друга сосетка кажала оти Катја излегувала сама, тропала по вратите и барала помош за мајка си.

Зачлени се на нашиот е-билтен