Трамп: Американскиот пилот во Иран е спасен, повреден е, но е жив и здрав

Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека рано утрово, американските сили успеале да го пронајдат и спасат вториот член на екипажот на авионот што беше соборен длабоко во Иран во петокот, за кого рече дека е повреден, но „жив и здрав“.

Во објава на социјалната мрежа Truth Social, Трамп рече дека „во текот на изминатите неколку часа, Армијата на Соединетите Американски Држави спроведе една од најсмелите операции за пребарување и спасување во историјата на САД“ за еден од „неверојатните офицери“ на Америка, кој е и високо почитуван полковник“.

„Овој храбар воин беше зад непријателските линии во опасните планини на Иран, гонет од нашите непријатели, кои му се приближуваа час по час, но тој никогаш не беше навистина сам бидејќи неговиот врховен командант, секретарот за војна, началникот на Здружениот штаб и неговите другари ја следеа неговата локација 24 часа на ден и вредно го планираа неговото спасување“, рече Трамп.

Американскиот претседател рече дека, според неговите упатства, војската на Соединетите Американски Држави „испрати десетици авиони, вооружени со најсмртоносното оружје на светот, за да го извлечат“.

„Тој беше повреден, но ќе биде добро. Оваа чудесна операција за пребарување и спасување следеше по успешното спасување на уште еден храбар пилот, вчера, што не го потврдивме, бидејќи не сакавме да ја загрозиме нашата друга операција за спасување. Ова е прв пат во воената историја двајца американски пилоти да бидат спасени, одделно, длабоко на непријателска територија“, рече Трамп.

Тој рече дека американската војска „никогаш нема да остави“ ниту еден американски пилот зад непријателските линии.

„Фактот што успеавме да ги извршиме обете операции, без ниту еден Американец да биде убиен или дури и ранет, само уште еднаш докажува дека постигнавме огромна воздушна доминација и супериорност над иранското небо. Навистина имаме најдобра, најпрофесионална и најсмртоносна армија во историјата на светот“, рече Трамп, кој во пораката го честиташе и Велигден, кој денес го слават протестантите и католиците.

Повеќе американски претставници изјавија за Си-Би-Ес дека американскиот член на екипажот на авионот што беше соборен над југозападен Иран бил спасен рано утрово по локално време.

Иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГК) ја презеде одговорноста за нападот врз американскиот авион, кој превезуваше двајца членови на екипажот.

Пилотот на Ф-15Е безбедно се катапултирал и бил спасен од два воени хеликоптери, соопштија претходно американските власти, но другиот член на екипажот, офицер за системи за оружје, останал исчезнат до утрово.

За време на спасувачките операции во петокот, американски хеликоптер што го превезувал спасениот пилот бил погоден од оган од лесно оружје, при што биле повредени членови на екипажот, но хеликоптерот слета безбедно.

Соборувањето на борбениот авион Ф-15Е е првпат американски борбен авион да биде соборен во борба по повеќе од 20 години, изјави за АП пензионираниот бригаден генерал на воздухопловните сили Хјустон Кантвел, поранешен пилот на борбен авион Ф-16.

Зачлени се на нашиот е-билтен