За верниците на Римокатоличката црква и некои други западни цркви денеска е Велигден

Велигден

Католиците, протестантите, англиканците, некои православни и бројни помали цркви, денес го слават Воскресението на Исус Христос – Велигден, празник што ја симболизира победата на животот над смртта.

Велигден е најголемиот христијански празник бидејќи суштината на христијанското учење го означува Христовото воскресение од мртвите, како победа на верата и животот над смртта.

Прославата на Велигден е за верниците на крајот од Великиот пост, а првите мрсни залаци се велигденските јајца, кои, според древниот обичај, се бојат црвено како симбол на пролеаната крв на Христос.

Според традицијата, првите јајца му ги подарила на царот Тибериј Марија Магдалена, која дошла во Рим со пораката за воскресението.

Јајцето е симбол на обновата на природата и животот, и исто како што елката што гори на огништето дава посебен шарм на божиќната ноќ, така и истото црвено велигденско јајце значи радост и за оние што го даваат и за оние што го примаат.

Верниците, според воспоставената традиција, ги бојат велигденските јајца на Велики петок, кога, патем, ништо друго не се прави, туку мислите се насочени кон настанот на невиното страдање и понижување на Христос, од страна на луѓето, на Голгота и во Ерусалим.

Зачлени се на нашиот е-билтен