Порака од Софија: Бугарија и Македонија немаат спор, Мицкоски го троши времето на сопствениот народ

Нови пораки од Софија дополнително ја отвораат дилемата – зошто владата на премиерот Христијан Мицкоски упорно бега од решение кое ќе значи продолжување на европскиот пат на Македонија.

На средба со бугарски европратеници пред неколку дена, бугарската претседателка Илијана Јотова испрати јасна порака дека „Бугарија и Северна Македонија немаат билатерален спор“, туку дека Владата во Скопје треба да ги исполни преземените обврски и обврските од преговарачката рамка .

Практично, пораката од Софија може да се причита многу јасно: доколку Македонија ги исполни условите, нема дополнителни пречки – бидејќи тие услови се веќе дел од европската рамка, а не нови билатерални барања.

Прашањето не е билатерално туку е прашање за ЕУ. Европски критериум за членство во ЕУ е заштита на граѓанските права на малцинствата.

Овие ставови доаѓаат во контекст на тврдата реторика на премиерот Христијан Мицкоски, кој во повеќе наврати изјавува дека државата е „подготвена да чека и децении“ за членство во ЕУ, како и дека „нема милиметар да се помрдне“ по однос на уставните измени.

Наместо да ги исполнува обврските од преговарачката рамка, ВМРО-ДПМНЕ води кампања за да го оправда сопственото одолговлекување и да ја префрли вината врз други, ЕУ и Бугарија.

Заменик-министерот за надворешни работи на Бугарија пак, Марин Рајков рече дека премиерот „им го троши времето на граѓаните“ во Македонија, алудирајќи дека одолговлекувањето на процесот.

„Слушајќи ги изјавите на премиерот Мицкоски во последните денови дека нема да дозволи со децении да се исполнат условите што би можеле да отворат преговори за членство, имено промената на Уставот разбирам дека одредени кругови во Македонија се посклони да губат повеќе време на македонските граѓани“, изјави Рајков.

Тој нагласи дека проблемот не е билатерален меѓу Софија и Скопје, туку дека Северна Македонија не ги исполнува обврските кон ЕУ. „Тврдењето дека постои билатерален проблем меѓу Бугарија и Македонија е крајно манипулативно.

Синхронизираните пораки од Софија – и од претседателката и од владините претставници – укажуваат на ист заклучок: процесот не е блокиран поради нови барања, туку поради недостиг на политичка волја кај Мицкоски да ги реализира реформите и чекорите за продолжување на европскиот пат на Македонија.

Оттука, критиките кон владата на Мицкоски се зошто се прави намерен конфликт – наместо да се работи на решение и напредок кон Европската Унија? Зошто се избира конфронтација со соседите и реторика на „мекотели“, со што свесно се продлабочува изолацијата на државата и се пропуштаат нови шанси за европска интеграција.

Додека Мицкоски ветува „децении чекање“ и „бетон“ позиции, македонските граѓани остануваат надвор од ЕУ – токму поради политиката што ја води неговата влада.

Зачлени се на нашиот е-билтен