Членот 5, сите земји во одбрана на една нападната членка на НАТО, може да се активира и без САД

НАТО

Рацин.мк го праша професорот по безбедност д-р Никола Дујовски дали НАТО може да го активира членот 5 без Соединетите Американски Држави, во контекст на дебатите за идното уредување на односите на земјите членки во најмоќната виена алијанса.

Може, вели Дујовски.

„Што значи Членот 5? Значи одбрана на земјата којашто е нападната од сите сојузници. Тоа нема да се случи од сите триесет и две, три, колку се веќе земји членки, одеднаш. Впрочем, НАТО овие неколку денови успеа да сруши, да собори и да неутрализира повеќе ракети од Иран упатени кон Турција и тоа говори за фактот дека обрамбените моќи на НАТО воопшто не се доведени во прашање“, вели Дујовски.

Дујовски вели дека воената моќ на Европа воопшто не е доведена во прашање ако хипотетички ја гледаме алијансата без САД.

„Ако Финска и Шведска не беа дел од НАТО, ако Македонија не влезеше во НАТО, сите ние ќе бевме со многу поотворени прашања. Денеска сите тие членки на НАТО и нивните капацитети за одбрана се неколкупати мултиплицирани“, оценува професорот по безбедност.

Негова проценка е дека во догледен период војната нема да се шири кон запад, туку ќе се шири кон исток или кон Блискиот Исток.

„Јас би го насочил вниманието на состојбата на Блискиот Исток, којашто е многу посериозна од онаа на украинскиот фронт. Русија овие денови повторно има раздвижување, се напаѓаат стратешки цели, цивилни цели во Украина, имаше вчера, завчера, неколку загинати. Меѓутоа, сето тоа е од еден ограничен карактер и ми се чини дека не е во плановите на Русија да го шири фронтот сега на друго место“, смета Дујовски.

Тој истакнува дека Блискиот Исток треба многу да не загрижува и да ги следиме информациите што се случува таму, особено затоа што, нели, овие оружја кои што се користат лесно можат да достигнат и неколку илјади километри, а ние сме тамам толку далеку од тој дел.

Зачлени се на нашиот е-билтен