Само пет режисерки во трка за Златната палма

Иранскиот филмски творец Асгар Фархади, Педро Алмодовар (седми пат во конкуренција), рускиот режисер во егзил Андреј Звјагинцев и поранешните победници Хироказу Коре Еда и Кристијан Мунџиу ќе се борат за Златната палма на 79. Кански филмски фестивал.

На листата од 21 филм, објавена денес, има само еден американски режисер, Ајра Сакс, додека големите холивудски студија не се присутни на ова издание, кое ќе се одржи од 12 до 23 мај.

Меѓу режисерите во конкуренција има само пет жени, што е помалку од претходното издание, кога беа седум.

Дебитантите од француската кинематографија ќе се појават со адаптации на литературни дела, како Леа Мисис со адаптацијата на романот на Лоран Мовиње „Приказни на ноќта“ж, во која глумат Бастиен Бујон и Моника Белучи.

На листата е и филмот „Непозната жена“, адаптација на стрип, режисирана од Французинот Артур Харари.

Три шпански филмови исто така се дел од селекцијата, соопштија организаторите.

Во другите секции, надвор од конкуренција, фестивалот ќе го одбележи проекцијата на големата француска продукција „La bataille de Gaulle: L’âge de fer“ („Битката на Де Гол: Гвоздено време“), првиот дел од филмот за генералот, кој го напиша и режира поранешниот дипломат Антонен Бодри.

Се очекува неколку вистински приказни на големото платно да ја допрат публиката, меѓу кои и „L’abandon“ („Напуштање“), филм за последните денови на убиениот наставник Самјуел Пати, кој ќе биде прикажан надвор од конкуренција.

Зачлени се на нашиот е-билтен