Поранешната антикорупционерка Димитровска седна во суд

Поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, денеска пред судот изјави дека не ги признава делата што ѝ се ставаат на товар и дека не се чувствува виновна за оддавање службена тајна и за компјутерски фалсификат.

Во судница рече дека ја разбира содржината на обвинението, но смета дека не сторила ништо за што е обвинета.

Според обвинението, Димитровска се товари дека на поранешниот директор на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стојановиќ, обвинет во предметот „Адитив“, му оддала службена тајна, а воедно и дека ревизорот Миле Столевски во нејзино име го полагал тестот за добивање безбедносен сертификат за пристап до класифицирани информации.

На обвинителна клупа, покрај неа, се и Столевски и Билјана Петровска-Мантева, кои исто така пред судот рекоа дека не се чувствуваат виновни.

На почетокот на рочиштето, одбраната побара обвинителството да го повлече обвинението. Адвокатот Владимир Туфегџиќ тврдеше дека документите и материјалите што се наведуваат во предметот биле разгледувани на јавни седници, јавно пренесувани и достапни, па затоа, според одбраната, не може да станува збор за службена тајна.

Тој наведе и дека комуникацијата со Столевски, која обвинителството ја проблематизира, била поврзана со пополнување апликација, а не со дејствие што е јасно забрането со закон.

Од обвинителството возвратија дека ќе се произнесат по доказите што ги предлага одбраната во фазата кога таа ќе почне со нивно изведување и побараа постапката да продолжи со произнесување по обвинителниот предлог.

Во судницата потоа продолжи изведувањето материјални докази, меѓу кои и потврди за извршени претреси и за одземени предмети кај обвинетите.

Во предметот, според обвинителството, постојат материјални и вербални докази, како и анализа на податоци извлечени од мобилен телефон, кои опфаќаат околу 250.000 електронски записи.

Одбраната, пак, најави дека ќе предлага сведоци од ДКСК и од Агенцијата за национална безбедност и очекува ослободителна пресуда. Следното рочиште е закажано за 16 април.

Зачлени се на нашиот е-билтен