Судска медицина: Стојанче имал кокаин и дијазепам, кај Ивана не биле најдени психоактивни супстанци

Јовановски
Фото Слободен печат – Методи Здравев

Токсиколошкото вештачење во судскиот процес против Стојанче Јовановски покажало присуство на кокаин и дијазепам во неговиот организам, додека кај покојната Ивана Јовановска не биле констатирани алкохол ниту други психоактивни супстанци. Ова во судница го изнел вештакот по судска медицина Златко Јаќовски, на продолжението од процесот што се води за семејно насилство, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство.

Според сведочењето, во урината кај Стојанче Јовановски било утврдено присуство на кокаин во концентрација од 307,5 нанограми на милилитар, како и бензодиазепини во концентрација поголема од илјада нанограми на милилитар. Вештакот навел и присуство на дијазепам, нордијазепам и метаболит на кокаин.

Во истиот исказ, Судска медицина посочила и дека кај Ивана Јовановска, покрај повредите од падот, биле констатирани и крвни подливи на брадата и вратот од тап и тврд предмет, дел настанати околу десет дена пред смртта, а дел истиот ден или еден ден претходно. Тој дел од наодот доаѓа во чувствителен момент од постапката, во која обвинителството тврди дека обвинетиот подолг период сурово и нечовечно постапувал кон сопругата и дека насилството кулминирало на 2 март.

Случајот се води по трагедијата во Тафталиџе, кога Ивана Јовановска и нејзината шестгодишна ќерка Катја го загубија животот по пад од тераса. Обвинението тврди дека на критичниот ден, по физичко и психичко малтретирање и сериозни закани, жртвата била доведена во состојба на тешка психичка вознемиреност, страв и безизлезност. Судската постапка продолжува со изведување докази и вештачења.

Зачлени се на нашиот е-билтен