СДСМ денеска соопшти дека поднела кривична пријава против премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го дека со своите јавни настапи врши притисок врз правосудството и испраќа порака дека судските постапки се нарачуваат однапред.
Пријавата беше објавена на прес-конференција на генералниот секретар на партијата, Александар Саша Димитријевиќ, кој рече дека станува збор за, како што наведе, „рушење на Уставот и кршење на законите“.
Според СДСМ, пријавата се однесува на три дела од Кривичниот законик: злоупотреба на службената положба и овластување, повреда на рамноправноста на граѓаните и загрозување на сигурноста. Од партијата побараа Јавното обвинителство веднаш да постапи, да го повика Мицкоски на распит и да покаже дека може да дејствува независно.
Овој потег доаѓа по изјавата на Мицкоски од 15 април, кога рече дека има „чувство“ оти поранешни високи функционери од претходната влада, поранешни премиери и нивни блиски, наскоро би можеле да бидат опфатени со прогони.
Притоа, самиот нагласи дека не вели оти има информации, туку дека има чувство. Токму таа формулација стана основа за новата ескалација меѓу власта и опозицијата.
Политичката пресметка околу оваа изјава трае веќе неколку дена. Претходно СДСМ испрати и писма до институциите на Европската Унија и до амбасадорите на земјите членки, тврдејќи дека се работи за најава на политички прогон.
Со денешната кривична пријава, спорот сега се префрла и на правен терен, иако засега останува нејасно дали и кога Обвинителството ќе преземе конкретен чекор по поднесокот.