Фирмата што поранешниот премиер Никола Груевски ја регистрираше во Унгарија сè уште е активна, но нејзините финансиски резултати покажуваат скромна заработка, далеку од впечатокот за развиен бизнис. Како што јавува ФОКУС, компанијата I.C.I.C. Kft. во последниот поднесен годишен извештај за 2024 година пријавила добивка од 4,1 милиони унгарски форинти, односно околу 10.500 евра, а по одбивањето на трошоците и даноците, чистата добивка изнесувала 6.860 евра.
Од таа сума, Груевски подигнал нешто над 5.000 евра како дивиденда. Во билансот на состојба се појавува и долг од 2,5 милиони форинти, односно околу 6.500 евра, што покажува дека фирмата, иако активна, работи со ограничени приходи и со кредитна обврска.
Компанијата I.C.I.C. Kft. е регистрирана на 14 јули 2021 година во Пецел, место на околу дваесетина километри од Будимпешта. Според ФОКУС, седиштето на фирмата е пријавено на улицата „Бошкаи“ број 9, во куќа што медиумот ја опишува како напуштена, а Груевски е наведен како единствен сопственик и извршен директор.
Главната дејност на фирмата е бизнис-консалтинг, но компанијата има регистрирано и повеќе дополнителни дејности. Меѓу нив се трговија на големо со порцелан, производи за чистење, храна, пијалаци и тутун, управување со средства, рекламирање, односи со јавност и комуникација. Во 2022 година, како што пишува ФОКУС, Груевски дополнително го проширил опсегот на активности со уште десет дејности, меѓу кои трговија со мебел, опрема за осветлување, градежни материјали, санитарна опрема, стакло, бои и подни облоги.
Финансиската слика на фирмата доаѓа во период кога повторно се отвора прашањето за иднината на Груевски во Унгарија, особено по политичките промени во земјата и најавите дека новата власт би можела повторно да ја разгледа неговата позиција. Груевски доби азил во Унгарија во 2018 година, откако ја напушти Македонија пред издржување затворска казна.
Неговата правна положба во Македонија останува поврзана со повеќе судски предмети. Во случајот „Плацеви на Водно“, Апелацискиот суд ја зголеми казната на девет години затвор, а Врховниот суд во декември 2023 година го одби неговото барање за вонредно преиспитување, со што пресудата остана правосилна.
Во 2022 година, Груевски беше ставен и на американската црна листа. Министерството за финансии на САД тогаш наведе дека тој бил осудуван и осомничен во повеќе случаи поврзани со корупција, злоупотреба на функцијата и перење пари од периодот кога беше премиер од 2006 до 2016 година.