Кирибати, островска држава во Тихиот Океан, е прогласена за најмалку посетувана земја во светот, со само неколку илјади туристи годишно, и покрај тоа што нуди тиркизно море, златни плажи и богат морски екосистем, покажуваат податоци од туристички анализи и извештаи на Светската туристичка организација. Земјата останува екстремно изолирана, што е една од главните причини за нискиот број посетители.
Во 2024 година Кирибати ја посетиле околу 9.500 туристи, што претставува рекордно висока бројка за оваа држава, но и понатаму ја држи на самото дно на светските туристички листи. Според податоците, во 2022 година бројот бил околу 2.000 посетители, што ја потврдува долгорочната изолација на оваа пацифичка држава.
Кирибати е составена од 32 атоли и острови, од кои само дел се населени, а географската распрсканост и огромните растојанија меѓу нив значително го отежнуваат патувањето и развојот на туризмот. Главниот град Тарава е оддалечен илјадници километри од поголемите туристички центри, што дополнително ја намалува достапноста.
И покрај изолацијата, земјата е позната по својата автентична култура, мирен начин на живот и природни пејзажи кои остануваат речиси недопрени од масовниот туризам, што ја прави атрактивна за мал број авантуристички патници.