Ратко Младиќ чека нова одлука од Хаг

Меѓународната комисија за кривични трибунали во Хаг ќе одлучува за новото барање Ратко Младиќ да биде пуштен на лекување во Србија, но не соопштува детали за неговата здравствена состојба. Од Комисијата наведуваат дека имаат обврска да ја заштитат приватноста и доверливоста на медицинските податоци на сите осудени лица што издржуваат казна под негов надзор.

Барањето за ослободување на лекување го потврди неговиот син Дарко Младиќ, кој изјави дека документите се доставени до Хаг и дека очекува одлука во краток рок. Тој тврди дека здравствената состојба на Младиќ е сериозно влошена и дека семејството бара негово префрлање во Србија од хуманитарни причини.

Младиќ, поранешен командант на Војската на Република Српска, издржува доживотна казна затвор. Во 2017 година беше осуден за геноцид, злосторства против човештвото и прекршувања на законите и обичаите на војување, а во 2021 година жалбениот совет ја потврди доживотната казна.

Пресудата се однесува на неговата улога во геноцидот во Сребреница, кампањата на терор врз цивилното население во Сараево, прогонот, убиствата, депортациите, присилното преместување цивили, незаконските напади врз цивили и земањето заложници од персоналот на Обединетите нации.

Ова не е прво барање Младиќ да биде ослободен или префрлен во Србија поради здравствени причини. Во јули 2025 година, судот на Обединетите нации го одби неговото барање за итно ослободување, оценувајќи дека неговата здравствена состојба е несигурна, но стабилна и добро управувана во притворската единица во Хаг. Во таа одлука беше наведено дека нема акутна терминална болест што би го оправдала ослободувањето.

Србија претходно понуди гаранции доколку Хаг дозволи Младиќ да биде пуштен на лекување. Српскиот министер за правда Ненад Вујиќ, по посетата на Младиќ, изјави дека неговата состојба бара сериозен медицински третман и дека Белград би обезбедил дополнителни гаранции ако тоа биде потребно.

Зачлени се на нашиот е-билтен