Градскиот парк во Скопје денеска ќе биде обоен во портокалово по повод Денот на кралот на Холандија, со настан што ги поврзува холандската празнична традиција, велосипедската култура и еколошките навики. Просторот околу Холандскиот лавиринт и ридот спроти „Школка“ од 10 до 13 часот ќе биде место за креативни и еко активности, во организација на „Биди Зелен“ и Амбасадата на Кралството Холандија во Северна Македонија.
Настанот е замислен како отворено дружење за граѓаните, со еко-разменотека по примерот на холандскиот Vrijmarkt, каде посетителите може да донесат книги, аксесоари, спортска опрема или лични предмети и да ги заменат за други. Идејата е предметите да добијат нов живот, наместо да завршат како отпад, а посетителите преку едноставна размена да учествуваат во поодржлив начин на потрошувачка.
Дел од програмата ќе биде и натпревар за накитени велосипеди, во кој ученици од скопските средни училишта ќе учествуваат со велосипеди украсени на теми што ги поврзуваат Македонија и Холандија. Декорациите ќе бидат изработени со рециклирани материјали, со што велосипедската култура ќе се претстави не само како транспортна навика, туку и како креативен и еколошки избор.
За најмалите посетители е предвиден лов на богатство во Холандскиот лавиринт, како интерактивна игра во парк, а програмата ќе вклучи и садење цвеќиња како заедничка акција за разубавување и позеленување на просторот. Организаторите најавуваат дека секое засадено цвеќе ќе биде мал придонес кон поздрава и поуредена околина.
Портокаловата боја е централниот симбол на холандскиот национален празник. Денот на кралот, односно Koningsdag, се одбележува на 27 април, роденденот на кралот Вилем-Александер, а низ Холандија традиционално е проследен со улични прослави, пазари, концерти и облекување во портокалово, боја поврзана со кралската куќа Орање-Насау.
Во скопската верзија на празникот, акцентот не е само на симболиката, туку и на практични одржливи навики. Посетителите што ќе донесат сопствена амбалажа за пијалак ќе добијат бесплатен пијалак од Вело Кафе, како дел од иницијативата за намалување на отпадот и поттикнување користење садови за повеќекратна употреба.
На настанот најавени се изјави од амбасадорката на Холандија Узлем Џанел, градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски и Дарко Арсовски Петровски од „Биди Зелен“. Пораката на организаторите е дека Портокаловиот ден треба да ги поврзе заедницата, креативноста и грижата за животната средина преку активности што се забавни, едукативни и одржливи.