Одземени лиценци на четири фирми што управуваат со згради

METOKARA, CC BY-SA 3.0 , via Wikimedia Commons

Регулаторната комисија за домување одзела лиценци на четири правни субјекти што вршат дејност управување со станбени згради, по вонредна периодична проверка за исполнување на условите врз основа на кои им биле издадени лиценците. Три од фирмите се со седиште во Скопје, а една во Струмица.

Проверката била спроведена за да се утврди дали управителите го усогласиле своето работење со измените на Законот за домување. Според член 42 од измените, управителите биле должни најдоцна во рок од шест месеци од влегувањето во сила на законот да ги усогласат своите обврски со новите одредби.

Со контролата биле опфатени правни лица со седиште во повеќе градови, меѓу кои Скопје, Охрид, Прилеп, Тетово, Гостивар, Струмица, Штип, Битола, Кичево, Велес, Куманово, Кочани и Кавадарци. Кај 62 правни субјекти било утврдено дека го усогласиле работењето, додека кај четири управители биле констатирани неправилности, недоставени податоци или неисполнување на законските обврски.

Претседателот на Регулаторната комисија за домување, Никола Затуроски, изјави дека еден од управителите со одземена лиценца не извршувал дејност повеќе од шест месеци, со што практично се откажал од управувањето. Две од правните лица, по одземањето на лиценците, ги завршиле обврските што произлегуваат од Законот за домување, вклучително и враќање на средствата од резервниот фонд и изготвување завршни финансиски извештаи.

Во објавените информации не се наведени имињата на правните субјекти на кои им се одземени лиценците. Регулаторната комисија за домување, според своите надлежности, издава и одзема лиценци за вршење управување со станбени згради и води регистри на активни и одземени лиценци.

Според последните податоци на РКД, во државата 8.053 станбени згради се управувани од управител или од заедница на сопственици. Со лиценцирани управители се 5.600 објекти, со договори за управувачки услуги што опфаќаат 135.338 посебни делови, односно станови и деловни простории. Податоците од Централниот регистар покажуваат дека до средината на декември минатата година имало 2.453 активни регистрирани заедници на сопственици.

Зачлени се на нашиот е-билтен