Пармелан пристигна во Скопје, прва швајцарска претседателска посета на Македонија

Претседателот на Швајцарската Конфедерација, Ги Пармелан, пристигна во Скопје во рамки на официјална посета на Македонија, прва посета на швајцарски претседател на земјава. На скопскиот аеродром го пречека министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

Муцунски соопшти дека Пармелан, кој во земјава престојува заедно со сопругата, е пречекан со највисоки воени и државни почести. Посетата се реализира на покана на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Според најавената агенда, Пармелан ќе биде примен од претседателката Сиљановска-Давкова, по што е предвидена тет-а-тет средба меѓу двајцата претседатели и пленарен состанок на македонската и швајцарската делегација. По разговорите, Сиљановска-Давкова и Пармелан треба да одржат заедничка прес-конференција.

Во рамки на посетата, швајцарскиот претседател ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје. Предвидена е и средба со претседателот на Собранието, Африм Гаши, а според швајцарската страна, Пармелан треба да разговара и со премиерот Христијан Мицкоски и со членови на Владата.

Швајцарската влада ја опиша посетата како потврда на сè поблиските односи меѓу двете земји. Во фокусот на разговорите се очекува да бидат билатералните односи, економскиот потенцијал и состојбите во Западен Балкан.

Посетата на Пармелан доаѓа по неговата посета на Србија, каде што беше одбележана 110-годишнината од билатералните односи меѓу Швајцарија и Србија и беше најавена нова програма за соработка. За Македонија, швајцарската страна ја нагласува важноста на економската соработка и на односите со регионот.

Зачлени се на нашиот е-билтен