Мицкоски ги праќа граѓаните да летуваат дома, СДСМ обвинува: „Така изгледа изолацијата“

ЕЕS

СДСМ ја обвини Владата дека наместо да обезбеди олеснување за македонските граѓани на грчките граници, премиерот Христијан Мицкоски им порачува да летуваат во Македонија. Реакцијата доаѓа по прашањата дали земјата ќе добие флексибилен третман при примената на новиот европски систем EES, по примерот на најавените олеснувања за српските туристи.

Премиерот Мицкоски изјави дека се водат разговори во рамки на Европската Унија за надминување на метежот на границите со Грција, но додаде дека доколку летните одмори и гужвите претставуваат проблем, Македонија има „прекрасни езера, планини и села“ и дека граѓаните треба да ги поминуваат одморите дома.

Од СДСМ оценија дека ваквата порака не е промоција на домашен туризам, туку признание дека Владата нема решение за проблемот со слободното движење на граѓаните. Според партијата, наместо институционален притисок, дипломатска активност и конкретен договор со грчките власти, граѓаните добиваат совет да не патуваат надвор од земјата.

Во реакцијата, СДСМ тврди дека ваквиот пристап ја покажува изолацијата во која, според нив, ја турка земјата власта на ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата наведуваат дека забавувањето на европските интеграции и слабата регионална позиција директно се претвораат во практични проблеми за граѓаните, меѓу кои и подолги чекања на границите.

Темата се отвори по воведувањето на EES, новиот европски систем за влез и излез, кој од 10 април 2026 година е целосно оперативен на надворешните граници на Шенген-зоната. Системот ги заменува печатите во пасошите со дигитална евиденција, фотографија, отпечатоци од прсти и лични податоци од патниот документ за државјани од земји надвор од ЕУ кои патуваат на краток престој.

Туристичката комора при Сојузот на стопански комори веќе побара од грчкото Министерство за туризам привремено одложување на примената на EES за македонските државјани во периодот од 1 јуни до 1 септември, со предупредување дека системот може да предизвика повеќечасовни застои и да влијае врз летните аранжмани.

Дел од проблемот веќе се виде на терен. По стартот на системот беа регистрирани големи гужви на влез во Грција, а на Евзони патници чекаа со часови поради новата процедура за скенирање и биометриска регистрација.

Дополнителна политичка тежина на случајот му дадоа информациите од Србија, каде српски претставници тврдат дека од 1 јуни до 30 август EES ќе се применува пофлексибилно за српските граѓани, со цел да не се создаваат големи гужви во летната сезона. Српската генерална конзулка во Солун, Јелена Вујиќ-Обрадовиќ, изјави дека иако нема официјален документ, постојат уверувања и гаранции засновани на добрите односи меѓу двете земји.

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, пак, изјави дека се водат разговори со повеќе земји членки на ЕУ и дека постои подготвеност да се покаже флексибилност кон регионот, но нагласи дека официјален одговор засега не добила ниту една земја. Тој додаде дека исходот не зависи само од македонската Влада, туку и од подготвеноста на земјите членки да овозможат таков пристап.

За СДСМ, токму тука е политичкиот проблем: додека соседите јавно бараат и преговараат за практични решенија за своите граѓани, Македонија, според опозицијата, останува без јасна гаранција и со порака од премиерот граѓаните да се свртат кон домашните езера, планини и села.

Зачлени се на нашиот е-билтен