Започнува “Генералка викенд”, најмасовната еколошка акција

Генералка

Денеска започнува “Генералка викенд”, како шесто по ред. На 8, 9 и 10 мај низ целата држава ќе се одржи најмасовната еколошка акција „Генералка викенд“, ми која и годинава ќе мобилизира десетици илјади волонтери во обид за чистење на јавните површини и подигнување на еколошката свест кај граѓаните.

Акцијата ќе се реализира истовремено на повеќе од 500 локации во околу 80 општини, со вклучување на над 600 организации, институции и компании, што ја прави најголема логистичка операција од ваков тип во земјава.

Организаторите посочуваат дека „Генералка викенд“ веќе прераснува во национална традиција која обединува граѓани од различни општествени сфери околу заедничка цел, почиста животна средина. Активностите ќе бидат координирани од општините во соработка со Црвениот крст, а покрај масовното чистење, акцијата има и силна едукативна компонента, насочена кон развој на одговорен однос кон отпадот и природата.

Официјалното отворање ќе се одржи на 8 мај во Скопје, каде што ќе се реализира голема акција за чистење на кејот на реката Вардар. На потегот од Лепенец до мостот „Киро Глигоров“ ќе бидат распоредени повеќе тимови волонтери, со поддршка на јавните претпријатија и институциите, со цел уредување на една од најфреквентните рекреативни зони во главниот град.

Покрај главните активности, предвидени се и специјализирани акции на неколку клучни локации. Во Националниот парк Шар Планина ќе се спроведе чистење на диви депонии со вклучување на припадници на армијата, експерти за управување со отпад и локалното население, додека во Охрид ќе се реализира акција за заштита на крајбрежјето со учество на студенти, професори и граѓански организации.

Паралелно со теренските активности, во училиштата ќе се спроведува и еко-образовната програма „Еко час“, во соработка со Министерството за образование и УНИЦЕФ, со цел едукација на најмладите за значењето на заштитата на животната средина.

„Генералка викенд“ останува волонтерска иницијатива во која учесниците самостојно ја преземаат одговорноста за својата безбедност, а пораката на организаторите и оваа година е јасна: Преку заедничка акција и личен ангажман да се придонесе кон создавање почиста и поздрава средина за сите.

Зачлени се на нашиот е-билтен