Сотир сака да избегне да биде новата Данела

Карпош влезе во најсериозната политичка криза од почетокот на новиот градоначалнички мандат на Сотир Лукровски. Редакцијата на Рацин.мк од два независни извори утрово извести дека Градоначалникот веќе подолго време е во конфликт со владеачката партија и со нејзини членови и дека постојано бара излез од функцијата.

Доцна попладнево без дирекно обраќање до нашата редакција за информациите, непотпишан автор на Фејсбук страницата на Општина Карпош објави дека Градоначалникот Лукровски не поднесува оставка но оди на боледување, а неговите надлежности во меѓувреме ќе ги извршува членот на Советот, Неделчо Крстевски.

Но зад овој штур статус се отвора многу подлабока политичка приказна – за страв од одговорност, документи што чекале потпис, партиски притисок и општина што, според повеќе соговорници, веќе не функционира како нормална локална власт.


Според сознанијата на редакцијата на Рацин.мк од луѓе од најблиското опкружување на градоначалникот, суштината на кризата е многу длабока.

Соговорниците тврдат дека кај Лукровски по преземањето на мандатот се појавила сериозна загриженост за документи што му биле носени на потпис, а за кои тој стравувал дека може да отворат лична кривична одговорност, поврзани со новограби, легализација на дивоградби и финансиски трансфери и фаворизирање на фирми.

Нешто што потсетува на првите кавги помеѓу Данела Арсовска и најблиските луѓе на премиерот Мицкоски со краток опис: „рацете во медот“.

Во таква атмосфера, според истите извори, градоначалникот бил ставен меѓу две спротивставени сили: од една страна формалната одговорност што ја носи неговиот потпис, а од друга страна политичкиот притисок на партијата што го кандидираше и го доведе на функцијата.

Оваа дилема е клучна за разбирање на случајот.

Градоначалникот не е само политичко лице што седи во кабинет и дава насоки. Според Законот за локалната самоуправа, тој ја претставува и застапува општината, ја контролира законитоста на прописите на Советот, го обезбедува извршувањето на одлуките, го предлага и извршува буџетот и решава во управни работи.

Тој, според соговорници од неговото најблиско опкружување, не сакал да потпишува документи за кои не бил сигурен дека се правно чисти, а истовремено бил под притисок да не ја блокира општината и да не ја доведе ВМРО-ДПМНЕ во нов изборен ризик во Карпош.

Законот дозволува градоначалникот да определи член на Советот што ќе го заменува во случај на спреченост или отсуство. Но тоа не значи дека советникот станува политички наследник на градоначалникот, ниту дека може да ја замени волјата на гласачите до крајот на мандатот.
Членот 52 од Законот за локалната самоуправа предвидува вакво заменување само за случај на спреченост или отсуство, при што на советникот му мирува советничката функција додека го заменува градоначалникот.

Тука се отвора најважната правно-политичка дилема. Ако Лукровски поднесе оставка, неговиот мандат престанува по сила на закон. Во таков случај, според член 54 од Законот за локалната самоуправа, се известува Министерството за локална самоуправа, потоа Владата констатира престанок на мандатот и се иницира постапка за нови избори за градоначалник.

Токму затоа паниката во ВМРО-ДПМНЕ, според извори на Рацин.мк, била политички очекувана. Партијата штотуку освои важна урбана општина по тежок изборен натпревар, а нови избори во Карпош по само шест месеци би биле ризик што тешко може да се контролира.

Во таков контекст, решението со привремено пренесување на надлежностите врз Крстевски изгледа како политички компромис. Формално, се задржува тезата дека оставка нема.

Институционално, се обезбедува човек што ќе потпишува и ќе ја движи администрацијата додека градоначалникот е отсутен. Партиски, ВМРО-ДПМНЕ избегнува нови избори во момент кога секој ден на криза во Карпош може да се претвори во политички товар.

Поранешниот градоначалник Стевчо Јакимовски дополнително ја заостри сликата со оценка дека Карпош не добил функционален градоначалник, туку колективно раководење.

Тој тврдеше дека во општината има застој, дека нема нови проекти, дека старите не се реализираат и дека во управувањето се појавиле повеќе лица што фактички ја водат институцијата околу градоначалникот. Дел од овие тврдења се политички обоени, но се совпаѓаат со впечатокот дека во Карпош не постои јасен центар на одлучување.

Најопасниот дел од оваа состојба е можната појава на паралелно управување. Локалната самоуправа има јасни органи – градоначалник и Совет. Партијата не е орган на општината.

Карпош е особено чувствителен затоа што е општина во која урбанизмот, имотните односи, градежните постапки и комуналната инфраструктура се постојано под јавна лупа.

Ако Лукровски навистина се исплашил од документи што му биле носени на потпис, тогаш јавниот интерес не е во неговата лична дилема, туку во содржината на тие документи.

Затоа најважното прашање сега не е само дали градоначалникот е на боледување. Прашањето е што се случувало во општината пред боледувањето.

Кои документи биле спорни? Кој ги подготвувал? Кој барал да бидат потпишани? Дали службите дале позитивни мислења? Дали имало предупредувања од администрацијата?

Дали градоначалникот одбивал потпис поради правен ризик или поради неподготвеност да ја носи тежината на функцијата? Без одговори на овие прашања, кои јавно ги поставуваме, јавноста останува со половина приказна.

Зачлени се на нашиот е-билтен