Началникот на криминалистичката полиција во Полициската управа Крапинско-загорска, Роберт Грилец, утрово е убиен во кафуле во хрватскиот град Крапина. Според хрватската полиција, маж на возраст од 52 години со огнено оружје усмртил полициски службеник, кој во моментот на нападот не бил на должност, а потоа со истото оружје пукал во себе.
Инцидентот се случил околу 8:10 часот во угостителски објект во Крапина. Напаѓачот, исто така 52-годишник, по обидот за самоубиство со хеликоптер бил пренесен во Клиничката болница Дубрава во Загреб. Засега не е познато во каква состојба се наоѓа.
Хрватските медиуми јавуваат дека убиениот Грилец бил раководител на Службата за криминалистичка полиција во ПУ Крапинско-загорска. Во моментот на нападот седел во кафулето како гостин. Според сведоштва на вработени и гости, напаѓачот влегол во локалот, без претходна расправија испукал неколку куршуми кон него, по што излегол надвор и пукал во себе.
Сведоци за хрватските медиуми изјавиле дека нападот се случил многу брзо и дека во кафулето имало повеќе гости. Еден од келнерите изјавил дека напаѓачот не кажал ништо пред пукањето, ниту по него. Полицијата ги прибира изјавите на сведоците и врши увид на местото на настанот.
Според досегашните информации, убиениот полицаец и напаѓачот биле жители на Крапина и живееле во соседство. Хрватската полиција соопшти дека криминалистичката истрага е во тек и дека се утврдуваат сите околности и мотиви за нападот.
Хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ изрази сочувство до семејството, колегите и пријателите на убиениот полицаец. Тој изјави дека напад врз полициски службеник не е напад само врз едно лице, туку врз безбедноста на општеството и институциите што ги штитат граѓаните.
Роберт Грилец во 2018 година бил одликуван од тогашната хрватска претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ за чесна и примерна служба.