Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Албанија: Парични казни за лицата кои ќе одбијат да дадат податоци на пописот

Се финализираат подготовките за пописот на населението и домаќинствата на целата територија на Албанија, што ќе почне на 18 септември, потврди директорката на албанскиот Институт за статистика, (ИНСТАТ), Елса Дули.

Таа додаде дека за оваа статистичка операција ќе бидат ангажирани околу 7.000 попишувачи, за што во тек е јавен повик, и оти вкупните трошоци за реализација на пописот се очекува да достигнат 16,9 милиони евра.

– Попишувачите ќе одат во секој дом и ќе ги пополнуваат формуларите со одговори што ќе ги даваат граѓаните. Ќе се користи современата техника со таблети, со што ќе се намали времето за информирање од терен до центарот. Се ќе се внесува во таблетите а тоа ќе може да го види и попишаното лице. Доколку граѓанин одбие да биде дел од пописот односно да одбие да биде попишан предвидени се казни од 50 до 100.000 леки (од 470 до 940 евра), наведе Дули.

Според неа, сите жители во Република Албанија, врз основа на Законот за попис, се обврзани да одговорат на прашањата од формуларот, со исклучок на три прашања поврзани со етничката и верска припадност и мајчиниот јазик кои се по избор на граѓанинот, дали ќе сака да одговори или не.

Првиот попис во Албанија е спроведен во 1923 година, а годинешниот ќе биде 12-ти по ред и ќе трае шест недели.

Последниот попис во земјата беше спроведен во 2011 година. Планираниот за 2021 беше одложен поради пандемијата со Ковид-19, а минатата година беше пролонгиран бидејќи „не биле обезбедени неопходните алатки за собирање информации на терен“.

Зачлени се на нашиот е-билтен