Македонската претставничка Ана Стојаноска денеска ја промовираше песната „Идната јас“, со која на 24 октомври ќе настапи на Јуниорскиот Евросонг 2026 во Валета, Малта. Заедно со песната е објавен и официјалниот видеоспот.
Стојаноска е од Струга, а беше избрана преку аудиција организирана од Македонската радио-телевизија. Стручната жири-комисија едногласно одлучила таа да биде годинашната македонска претставничка, оценувајќи ги вокалните способности, сценската појава и уметничкиот потенцијал на кандидатите.
„Идната јас“ е композиција на Николче Мицевски, додека текстот е на Илчо Нечовски од групата „Дупер“. Песната исто така била избрана едногласно од стручната комисија на конкурсот што го распиша МРТ.
Од МРТ велат дека песната носи порака за вербата во себе, детските соништа и храброста младите да останат доследни на себе додека растат и го бараат сопствениот пат.
На сцената во Малта, Ана ќе настапи со танчарките Калина, Каја и Елена, а кореографијата ја подготвува Илија Карадакоски. Македонската делегација ја предводи Дијана Гогова.
Првите реакции по објавувањето на песната на социјалните мрежи се позитивни, а дел од публиката ја издвојува мелодијата и современиот поп-звук. Официјалниот настап ќе биде дел од финалето на 24 октомври, кога за победата ќе се натпреваруваат 16 земји.
Македонија на Јуниорскиот Евросонг настапува од 2003 година. Минатата година Нела Манческа со „Miracle“ го освои седмото место со 141 поен, што беше еден од подобрите македонски резултати на натпреварот во последните години.
МРТ најави директен пренос од Јуниорскиот Евросонг на 24 октомври со почеток во 21 часот.

