„Имавме добра прва средба со министерот за надворешни работи на Македонија (Тимчо Муцунски). Бугарија има јасно изразена позиција, која од 2022 година повеќе не е билатерално прашање, туку прашање на дискусија меѓу Европската Унија и земја-кандидат. Овој прозорец за проширување може да се отвори во наредните години и ако не ја искористат оваа можност, всушност може да изгубат.“
Ова го изјави бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова во Брисел, каде што учествуваше на состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската Унија. Утрово се одржа и неформален работен појадок со земјите од Западен Балкан.
„Овој став беше потврден денес. Драго ми е што имаме многу широк политички консензус за тоа во Бугарија. Ова им го кажав и на нашите северно-македонски партнери. Очекуваме активности од нивна страна што ќе покажат дека имаат целосна политичка подготвеност да продолжат напред по својот европски пат“, додаде таа.
„Бугарија останува исклучително поддржувачки фактор. Исто така, добро е за нас да видиме активност и посилна активност од нивна страна во согласност со постигнатите договори. Тие имаат единствена можност. Гледаме дека земји како Црна Гора и Албанија остваруваат сериозен напредок. Овој прозорец за проширување може да се отвори во наредните години и ако не ја искористат оваа можност, всушност може да изгубат. Да се држат до постигнатиот договор во 2022 година и да преземат потребни политички чекори. Да го отворат својот европски пат“, рече и Петрова-Чамова.
Министерот за надворешни разботи и меѓународна трговија Тимчо Муцунски изјави дека немало средба туку „само краток разговор“ на состанокот и дека „е потребно да се оттргнеме од билатерализацијата на критериумите за пристапување“.