Откако беше разрешен од главната обвинителска функција во Бугарија обвинителот Иван Гешев кој последниве месеци се наоѓа во центарот на правосудниот земјотрес што ја тресе соседната држава, во драматично обраќање до јавноста преку јутјуб упати остри критики кон политиката обвинувајќи за спрега со мафијата.
Обраќањето тој го одржа во драматичен тон почнувајќи го со „браќа и сестри Бугари“.
„Во последните месеци, пред очите на целиот народ и меѓународната заедница, Обвинителството на Република Бугарија беше подложено на невиден притисок и грубо незаконско мешање во работата на правосудниот систем. Да го зграпчат овој последен бранител на народот и да го искористат за репресија. Отидоа дотаму што во обидот да ме тргнат во еден момент имаше двојство на функцијата со два обвинители на исто работно место. Очигледно стравот е голем и пипците на длабоката држава и задкулисните игри мора да бидат заштитени по секоја цена. Во обид да ја блокираат нашата работа за клучните и особено чувствителни случаи за државата, силите на темнината, како што јас ги нарекувам, презедоа низа акции типични за авторитарни и мафијашки режими“, рече тој.
„Нашата доследна борба против криминалните олигарси и против лидерите на крадците на партиите доведе во последните месеци до невидено здружување на врвни политичари, мафија и матни бизниси. Нивниот паничен страв се роди од мојата решителност и решителноста на обвинителството. Оваа определба ги натера да ги покажат своите вистински лица и затоа сега се обидуваат да го контролираат и потчинат обвинителството. Ќе направат се’ за да не одат предметите на суд и да нема правда за украдените народни пари“, изјави Гешев.
Тој ги обвини властите дека го смениле законот само за да го сменат него од функцијата, а како покритие им биле „европските стандарди“, се со цел да бидат спречени клучни истраги за јавниот интерес.
„Очигледно ми е дека протекувањето информации кон директно засегнатите е главната причина за нивната брза и брутална реакција кон мене. Нивните методи сега се јавно познати. Тие секогаш, според правилата на мафијата, започнуваат со тивок обид да бидат прифатени нивните услови, кои секогаш се многу примамливи, но секогаш поврзани со предавство! И ако тоа не им успее, продолжуваат со отворени закани, вклучително и по човечки животи, и конечно со реализација на заканите. Сето ова не само што реков дека ќе се случи, туку се случи и ќе продолжи да се случува пред нашите очи. Бескрупулозно и без обид за основна пристојност“, рече Гешев.
Тој додаде дека воопшто не размислувал за предлозите што му биле давани само да се откаже од кривично гонење.
„Или ќе ги отфрлиме измамите и „гомнениците“ на корумпираните политичари и ќе се издигнеме, или ќе трпиме со наведнати глави и никогаш повеќе нема да можеме да се исправиме. Мафијата, без разлика колку длабоко навлегла во општествениот и политичкиот живот и со какви ресурси располага – неминовно греши кога е силно притисната од правото и од законот. Целото наше општество денес е соочено со избор. Го направив мојот избор – да не молчам и да не ја наведнам главата пред неправдата“, порача разрешениот обвинител.
„Денеска зборувам за последен пат како обвинител, откако го следев законот и по триесет години работа за народот, дадов оставка од функцијата обвинител. Тоа го направив со свест дека ниедно обвинителство не може да се бори против корупцијата и кражбите кога корупцијата и кражбите станаа државна политика“, рече тој завршувајќи го обраќањето со зборовите „Боже чувај ја Бугарија“.
Извор: 24 Часа
Подготви: С.К. (НОВА)