Тајната на Кеопсовата пирамида: зошто не се урнала 4.600 години

Кеопсовата пирамида во Гиза, најстарата и единствена сочувана градба од седумте чуда на античкиот свет, повеќе од 4.600 години одолева на времето, ерозијата и земјотресите. Нова студија објавена во научното списание Scientific Reports покажува дека нејзината стабилност не се должи само на големината и масата, туку и на начинот на кој самата структура реагира на вибрации.

Истражувачки тим поставил 37 сензори во и околу пирамидата, вклучително во Кралевата и Кралицинaта одаја, ходниците, надворешните камени блокови, почвата околу пирамидата и таканаречените растоварни комори над Кралевата одаја. Целта била да се измери како пирамидата се однесува при природни микровибрации од ветер, сообраќај, движења на Земјината кора и далечни бранови.

Клучниот наод е разликата во фреквенциите. Почвата околу пирамидата вибрира околу 0,6 херци, додека поголемиот дел од самата пирамида вибрира меѓу 2,0 и 2,6 херци, со просек од околу 2,3 херци. Поради тоа земјата и конструкцијата не влегуваат во резонанца, што ја намалува можноста земјотресната енергија силно да се пренесе во телото на пирамидата.

Научниците посебно ги издвојуваат растоварните комори над Кралевата одаја. Тие одамна се сметаат за архитектонско решение што ја распределува огромната тежина на камените блокови над внатрешната просторија. Новите мерења покажуваат дека токму таму се намалува засилувањето на вибрациите, што значи дека овие простори можеби имаат и дополнителна улога во распрснување на сеизмичката енергија.

Кеопсовата пирамида била изградена од околу 2,3 милиони камени блокови и првично била висока околу 147 метри. Денес е пониска поради губењето на надворешната бела камена обвивка и врвот, но главното тело останало зачувано. Истражувачите наведуваат дека пирамидата издржала повеќе земјотреси во регионот, меѓу кои и силен потрес во 1847 година со проценета магнитуда од 6,8 и земјотресот во 1992 година со магнитуда од 5,8.

Сепак, студијата не тврди дека древните Египќани свесно ја проектирале пирамидата како антисеизмичка градба во современа смисла. Попрецизно, наодите покажуваат дека комбинацијата од широка основа, ниско тежиште, симетрична форма, масивна камена структура, стабилна варовничка подлога и внатрешни комори создала конструкција што природно ги намалува ризиците од сериозно оштетување при потреси.

Токму затоа Кеопсовата пирамида останува повеќе од археолошко чудо. Новите мерења ја претставуваат и како пример за исклучително напредно древно инженерство, во кое архитектурата, геологијата и масата на градбата заедно создале структура способна да преживее милениуми.

Најчитано