Старбакс се откажа од користење на својот систем базиран на вештачка интелигенција за управување со залихи, само девет месеци по неговото воведување, откако технологијата не ги исполни очекувањата и покажала чести грешки во евиденцијата на производите во продавниците, пренесуваат странски медиуми.
Системот бил воведен во Северна Америка како дел од стратегијата за подобро следење на залихите и намалување на недостигот на производи, но во пракса често погрешно ги препознавал артиклите, мешајќи слични типови млеко или целосно пропуштајќи одредени производи на полиците.
Технологијата користела камери и сензори за автоматско скенирање на рафтовите, со цел да се замени рачното броење, но наместо поедноставување на процесот, во дел од случаите создавала дополнителна работа за вработените поради неточните податоци и корекции.
Од компанијата наведуваат дека одлуката за укинување на системот е дел од поширока стратегија за стандардизација на работењето и подобрување на оперативната ефикасност, додека истовремено се најавува фокус на поедноставени и понадежни методи за управување со залихите.
Овој потег доаѓа во период кога Старбакс се обидува да ги стабилизира резултатите и да ги подобри услугите во своите објекти, по серија промени во стратегијата и критики за комплексноста на работењето.
