Антикорупциската комисија одлучи да поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство за поранешни членови на Управниот и Надзорниот одбор, поради сомнежи дека незаконски ги задржале работните места и земале и плата и апанажа.
Според информациите што ги изнесе ДКСК, пријавените лица биле членови на поранешниот Управен одбор на акционерското друштво, а истовремено биле распоредени и на директорски позиции во организациски единици во ТЕЦ Неготино.
Случајот се поврзува со статусната промена при соединувањето на АД ТЕЦ Неготино кон АД Електрани на Северна Македонија Скопје. По престанокот на функциите како членови на Управниот одбор, тие, според Антикорупциската комисија, останале во работен однос во акционерското друштво, што ДКСК го оценува како незаконско.
Дополнително, како што изјави членот на ДКСК Сервет Демири, лицата добиле и средства во вид на апанажа врз основа на менаџерски договори, во висина од 12 плати. Тие, според изнесеното, се повикувале токму на менаџерските договори како основ за примањата.
Суштината на случајот е во прашањето дали јавни функционери по престанок на функцијата можеле истовремено да останат на работни позиции и да користат надомест што треба да следува по престанок на ангажман. ДКСК смета дека постои основ за кривично постапување и предметот го испраќа до обвинителството.
