Комарците го вклучија алармот, прв случај на западнонилска треска во Велес

комарци

Комарците го вклучија алармот во Македонија откако Институтот за јавно здравје го регистрираше првиот случај на западнонилска треска годинава, кај 55-годишен пациент од Велес, кој по висока температура, осип, силна малаксаност и нарушена свест бил хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

Според информациите од ИЈЗ, состојбата на пациентот во моментов е подобрена и тој е под медицински надзор. Епидемиолошките податоци покажуваат дека лицето не патувало надвор од државата и дека нема податок за контакт со други лица со слични симптоми.

Западнонилската треска е вирусна болест што најчесто се пренесува преку убод од заразен комарец. Вирусот циркулира во природата меѓу комарците и дивите птици, а луѓето не ја пренесуваат инфекцијата понатаму. Токму затоа фокусот на здравствените власти е ставен на заштита од убоди, особено во период кога температурите растат и активноста на комарците се зголемува.

Кај најголем дел од заразените нема симптоми, но кај дел може да се јават температура, главоболка, осип, замор и болки во мускулите. Во ретки случаи болеста може да предизвика сериозни компликации, како воспаление на мозокот, воспаление на мозочните обвивки или парализа.

Од ИЈЗ предупредуваат дека ризикот за населението во моментов се оценува како среден, но може значително да се намали со превентивни мерки. Најважни се користење репеленти, носење облека со долги ракави и ногавици, поставување мрежи на прозорците, избегнување престој на отворено во зори и самрак и редовно отстранување застоена вода од дворови, саксии и други места каде што се размножуваат комарци.

Најчитано