Роланд Гарос започнува утре во Париз, а Новак Ѓоковиќ својот настап на вториот гренд слем турнир во сезоната ќе го отвори во вечерниот термин против Французинот Џовани Мпечи Перикар, дуел што е закажан за 20:15 часот на централниот терен „Филип Шатрие“.
За Ѓоковиќ, овој термин може да биде важна предност. Вечерните услови на земјена подлога најчесто ја забавуваат топката, што не му оди во прилог на противник како Мпечи Перикар, играч кој се потпира на силен сервис, брзи поени и агресивна игра. Токму затоа српските медиуми го оценија распоредот како „идеален“ за стартот на Ѓоковиќ во Париз.
Мпечи Перикар е домашен тенисер и ќе има поддршка од француската публика, но против себе ќе го има трикратниот шампион на Роланд Гарос и освојувач на 24 гренд слем титули. Ѓоковиќ во Париз повторно ќе брка историја, бидејќи евентуална титула би го однела до рекорден 25. гренд слем трофеј.
Ждрепката го смести Ѓоковиќ во дел од костурот во кој не е Јаник Синер, но патот до завршницата сепак нема да биде лесен. The Guardian објави дека Ѓоковиќ е во половината со Александар Зверев, додека Синер стартува од спротивниот дел од ждрепката.
Роланд Гарос официјално стартува на 24 мај, а главната ждрепка ќе трае до 7 јуни. Натпреварите на турнирот почнуваат од 11 часот, додека вечерната сесија на „Филип Шатрие“ е резервирана за еден сингл-меч и почнува не пред 20:15 часот.
Ѓоковиќ во Париз пристигнува и со промена во тимот. Пред стартот на турнирот го именуваше Виктор Троицки за тренер, во обид да ја стабилизира формата и да го нападне уште еден историски резултат на најважната тениска сцена
