Групата социјалисти и демократи во ЕП за предлогот на Мерц: Како за Украина, така и за Западен Балкан – еднакво за сите

Мерц

Втората најсилна политичката група на Социјалисти и Демократи во Европскиот парламент (ЕП) условно го поздрави предлогот на германскиот канцелар Фридрих Мерц за забрзување на европската интеграција на Западен Балкан и Молдавија и доделување на придружно членство на Украина, и предложи принципи и можни решенија за тоа.

„Добрата вест е дека проширувањето е повторно во мислите на лидерите на ЕУ. Како одговор на писмото на канцеларот Мерц, еве ја нашата визија, водена од клучни принципи, вклучително и еднаков третман за сите земји-кандидатки“, се вели во објава на С&Д, втората најсилна политичка група во ЕП, на X (X) со прашањето: „Дали европските лидери имаат политичка храброст да ги исполнат очекувањата?“.

Групата наведува дека постојано се залага за проширување како европски мировен проект и геостратешки приоритет и дека е отворена за нови, креативни начини за движење напред во проширувањето на ЕУ, под услов да ги почитуваат четирите клучни принципи:

1) Без компромис во основите – владеење на правото, демократија, човекови права и добро управување. Мора да се воведат силни заштитни мерки во договорите за пристапување во случај на назадување на кандидатите, додека истите стандарди мора да важат и за постојните земји-членки на ЕУ.

2) Целосно усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ.

3) Одржување на социјалниот модел на ЕУ како гаранција за просперитет.

4) Еднаков третман за сите. Секој пристап што ѝ се нуди на Украина мора да им биде достапен на сите кандидати за членство.

Групата на социјалисти и демократи наведува дека, врз основа на овие принципи, го поддржува пристапот на постепен прием во ЕУ.

„Како што земјите напредуваат кон членство во ЕУ, тие добиваат сè поголеми придобивки, како што се намалени трошоци за роаминг, интеграција во системот за плаќање SEPA и пристап до избрани програми на ЕУ. Преодните или постепените периоди во одредени области веќе се во употреба и можат да послужат како ефикасна алатка за спречување на непотребно одложување. Крајната цел останува полноправно членство со сите права“, се вели во соопштението.

Групата тврди дека сегашната методологија е „бавна и склона кон блокади“ и треба да се подобри „за да се обезбеди веродостојна перспектива за проширување“.

Групата на социјалисти и демократи презентираше три можни решенија за тој проблем:

1) Отстранување на барањата за едногласност за средните чекори во процесот на пристапување.

2) Поамбициозна постепена интеграција за клучните области на политиката, со условеност од владеењето на правото, што би можело да вклучува постепена интеграција во единствениот пазар и безбедносна и одбранбена политика.

3) Порано добиен статус на набљудувач, што подразбира дека, кога земјата кандидат ќе ги отвори сите поглавја и ќе почне да ги затвора, треба да може да испраќа набљудувачи на одбрани состаноци на Советот и Европскиот парламент.

Групата на социјалистите и демократите вели дека ќе води со пример со развивање на сопствена програма за набљудувачи, именувана по Вили Брант, се заклучува во соопштението.

Најчитано