Мета започна воведување на нови месечни претплатнички модели за Инстаграм, Фејсбук и Ватсап, со кои корисниците ќе можат да добијат дополнителни функции во замена за месечна претплата, пренесуваат меѓународни медиуми.
Новите планови, според најавите, се дел од стратегијата на компанијата за проширување на приходите надвор од рекламниот бизнис, кој досега беше главниот извор на заработка.
Во рамките на новите понуди се споменуваат „Plus“ верзии за секоја од платформите, при што корисниците би добиле дополнителни опции за персонализација, напредни функции за приказни и подобрено користење на апликациите, зависно од сервисот.
Покрај тоа, Мета најавува и тестирање на нови претплати поврзани со вештачка интелигенција и алатки за креатори и бизниси, кои ќе бидат дел од поширок пакет под работно име „Meta One“.
Според информациите, цените на основните претплати се движат од неколку долари месечно по апликација, додека понапредните пакети за вештачка интелигенција и професионални алатки би имале повисоки трошоци.
Овие промени доаѓаат во период кога Мета интензивно инвестира во развој на вештачка интелигенција и нови дигитални услуги, со цел да ја диверзифицира својата понуда.
