Доктор од Словенија алармира за дел од медицинското образование во Македонија

Доктор од Македонија кој работи во Словенија изнесе сериозни тврдења за квалитетот на дел од медицинскиот кадар што доаѓа од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, во гостување во поткастот „Клиника за сè“, што го води Менче Атанасова Точи. Д-р Иван Костадинов, специјалист анестезиолог, тврди дека двајца дипломирани доктори од Македонија, кои се вработиле во Словенија, биле вратени назад поради нестручност.

Според Костадинов, проблемот не е изолиран инцидент, туку сигнал за подлабока криза во медицинското образование и контролата на квалитетот. Тој во гостувањето оценува дека знаењето на дел од кадрите било на загрижувачко ниско ниво, споредувајќи го разговорот со нив со разговор со луѓе кои немаат медицинско познавање.

Костадинов во истото гостување зборува и за сопственото искуство по заминувањето од Македонија. Наведува дека по завршувањето на студиите работел во кочанската Брза помош, со тешки смени и ниска плата, по што кариерата ја продолжил во Словенија.

Тој тврди дека, откако го увидел проблемот, се обидел преку македонскиот амбасадор во Словенија да стигне до надлежните институции во Македонија и да предупреди на, како што вели, нестручноста на кадарот што излегува од штипскиот универзитет. Според неговото сведочење, не добил институционален одговор.

На изјавата реагираше и професорот Дејан Трајковски, кој јавно оцени дека ваквите тврдења отвораат сериозни прашања за одговорноста во високото образование, особено кога станува збор за медицински кадар кој утре треба да лекува пациенти.

Во моментот, клучно е прашањето дали надлежните институции ќе ги проверат овие тврдења, затоа што темата не задира само во угледот на еден факултет, туку и во довербата во здравствениот систем.

Најчитано