Атина подготвува официјален демарш до Киев за украинскиот поморски дрон што беше пронајден кај Лефкада, откако грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис ја информирал високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас за наодите на грчкиот Генералштаб, јави „Катимерини“, повикувајќи се на дипломатски извори.
Информирањето се случило на маргините на неформалниот совет на министрите за надворешни работи што се одржал во Лимасол, Кипар. Таму Герапетритис разговарал и со украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, кој бил поканет на средбата од кипарското претседателство.
Според истите дипломатски извори, следниот чекор ќе биде официјален демарш до украинската влада. Со тоа Атина сака институционално да го постави прашањето за дронот што бил пронајден во близина на Лефкада, имајќи предвид дека станува збор за воена технологија што завршила во зона со интензивен поморски сообраќај.
Грција веќе го покренала случајот пред околу две недели и на Советот на министри за одбрана на Европската Унија во Брисел. Тогаш извори од Министерството за одбрана наведоа дека министерот Никос Дендиас зборувал за „исклучително сериозно прашање“, нагласувајќи ги ризиците за пловидбата, бидејќи областа каде што бил пронајден дронот е зона низ која минуваат бројни трговски и патнички бродови.
Дронот бил пронајден на 7 мај од рибари во близина на ’ртот Дукато, во пештера кај Лефкада, со мотор во работа. Станувало збор за црно поморско беспилотно пловило од типот Magura, опремено со високотехнолошки системи, антени и комуникациска опрема.
Рибарите успеале да го врзат и да го извлечат до пристаништето Василики, каде што го презела грчката крајбрежна служба. Првичните наоди на надлежните укажувале дека беспилотното пловило било подготвено за напад од типот „камиказе“, односно било натоварено со активни експлозиви со цел да удри во цел.
Во внатрешноста биле пронајдени и ракописни белешки. Пиротехничари на грчката армија ги отстраниле детонаторите, а потоа припадници на крајбрежната служба ги исклучиле батериите за да ја прекинат работата на моторите.
Според информациите што ги пренесува „Катимерини“, врз основа на наодот се проценува дека дронот најверојатно ја загубил ориентацијата и завршил кај јонскиот остров поради технички проблем во навигациските системи. Се наведува и дека не поминал големо растојание пред да биде откриен, бидејќи во неговите резервоари имало значителна количина гориво.
Случајот е чувствителен и за Грција и за Украина. Киев води војна со Русија и интензивно користи поморски дронови во Црното Море, но појавата на вакво беспилотно пловило во Јонското Море отвора прашања за безбедноста, контролата и ризикот во цивилни поморски коридори. Атина сега го префрла случајот од техничко-безбедносно ниво во дипломатска рамка.
