Гардијан открива дека малку позната компанија, поврзана со луѓе блиски до Доналд Трамп, е на чекор да добие енергетски договори вредни повеќе од една милијарда долари на Балканот, преку проект што треба да ја намали зависноста на Босна и Херцеговина од руски гас.
Во центарот на истражувањето е компанијата AAFS Infrastructure and Energy, која, според Гардијан, е блиску до концесија за изградба и управување со гасовод низ Босна и Херцеговина. Проектот, познат како Јужна интерконекција, треба да овозможи американски течен природен гас, преку хрватскиот брег, да стане алтернатива на рускиот гас што досега доминира во снабдувањето.
Но, прашањата се отвораат околу тоа кому му се доверува проектот. Гардијан пишува дека AAFS нема докажано искуство во инфраструктура од вакви размери, но има врски со луѓе од политичкиот круг на Трамп. Еден од претставниците е адвокатот Џеси Бинал, кој работел на случаи поврзани со Трамп, а другиот е Џо Флин, брат на поранешниот советник за национална безбедност Мајкл Флин.
Според истражувањето, босанската компанија AAFS била регистрирана во 2021 година од Амер Бекан, а подоцна станала сопственост на американска компанија со истото име. Гардијан наведува дека адресата на фирмата во Вашингтон е поврзана со канцеларијата на Binnall Law Group.
Најспорниот дел е што во март новото босанско законодавство предвидело AAFS да биде изведувач на гасоводот, без конкурентска тендерска постапка. Transparency International во Босна и Херцеговина предупредил дека воспоставување ваква практика во земја со високо ниво на корупција може да има катастрофални последици за стратешки проекти.
Проектот има и поширока геополитичка тежина. САД долго време ја поддржуваат Јужната интерконекција како начин Босна и Херцеговина да ја намали зависноста од руски гас. Но, според Гардијан, во сегашниот случај енергетската безбедност се преплетува со политичко влијание, приватни интереси и американската политика на Балканот.
Во приказната влегува и Милорад Додик, лидерот на босанските Срби, кој има можност да го блокира проектот преку сложениот систем на одлучување во Босна и Херцеговина. Гардијан потсетува дека администрацијата на Трамп ги укинала санкциите против Додик без јавно објаснување, а претходно Доналд Трамп Помладиот бил пречекан во Бања Лука од синот на Додик.
Според Гардијан, Додик кратко по посетата на Трамп Помладиот сигнализирал дека нема да го попречува планот на Бинал и Флин. Тоа, како што наведува весникот, ја приближува компанијата поврзана со луѓе блиски до Трамп до преземање на еден од клучните европски енергетски проекти.
Истражувањето ја отвора најнепријатната дилема за регионот: дали Балканот, во обид да се ослободи од рускиот енергетски притисок, ризикува да влезе во нова зависност од приватни интереси што стојат блиску до политичката моќ во Вашингтон.
