Македонија губи вода, а пречистува само една петтина од отпадните води

Пречистителната станица за отпадни води во Прилеп

Пречистува само една петтина од отпадните води, а истовремено се соочува со високи загуби на вода и растечки притисок врз водните ресурси, покажуваат податоците за Македонија во 2025 година, објавени од Државниот завод за статистика.

Според статистичките податоци, деловните субјекти во 2025 година зафатиле 6.067 милиони кубни метри вода. Од нив биле користени 3.096 милиони кубни метри, додека 3.046 милиони кубни метри биле испуштени како отпадни води.

Најалармантниот дел е што од вкупно испуштените отпадни води биле пречистени само 629 милиони кубни метри, односно 20,6 проценти. Тоа значи дека речиси четири петтини од отпадните води не поминале низ процес на пречистување пред повторно да завршат во природниот циклус.

Податоците покажуваат и дека вкупната зафатена вода е намалена за 11,3 проценти во споредба со 2024 година. Речиси половина од водата, односно 49,7 проценти, била зафатена од површински извори, што дополнително го отвора прашањето колку се заштитени реките, езерата и другите природни водни ресурси.

Проблемот не е само еколошки. Кога земјата пречистува само една петтина од отпадните води, ризикот се префрла врз јавното здравје, земјоделството, индустријата и квалитетот на животот. Непречистената вода значи поголем притисок врз реките и почвата, но и поголем трошок за идните генерации.

Дополнителна тежина носат и податоците за загубите во водоводните системи. Според годишниот извештај на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад, загубите на вода на национално ниво во 2025 година изнесувале 63,05 проценти.

Тоа ја прави сликата уште потешка: Македонија губи голем дел од водата во системите, а од отпадните води пречистува само мал дел. Во време кога водата станува сè поскап и поредок ресурс, ваквите бројки веќе не се само статистика, туку предупредување за начинот на кој државата управува со еден од најважните природни ресурси.

Најчитано