Мирчева: Нема толку жени во Македонија за да си дозволиме толку фемициди

Мирчева

Нема толку жени во Македонија да можеме да си дозволиме еден или два фемициди месечно. На жените треба да им се даде поддршка да излезат од кругот на присилба и контрола на семејното насилство.

Ова во интервју, меѓу другото, го истакнува проф. д-р Стојанка Мирчева од Факултетот за безбедност, Катедрата за полициски науки на Универзитетот „Климент Охридски” во Битола.

Таа вели дека семејното насилство е последица на закоравена родова нееднаквост во општеството и дека не треба да се смета како обичен кримина.

Осврнувајќи се на постапувањата на институциите таа нагласува дека во култура на ненадлежност каква што имаме, најлесно е: Препрати ја жртвата на друго место.

Таа вели дека институциите постојат за граѓаните и нивните потреби и да ги заштитат нивните права, а не обратно.

Со проф. д-р Стојанка Мирчева разговараше Зоран Бојаровски

Она што мене ме забрижува и затоа ве побарав да го направиме ова интервју, е тоа што и покрај сите апели и покрај алармот и придвижувањата на институциите, трендот на семејно насилство во нашата земја не опаѓа.

Што е тоа што се случува? Има ли грешка во системот, за да имаме вакви појави постојано?

Мирчева: На самиот почеток ќе ми дозволите еден коментар околу трендовите. Она што сакам да го истакнам е дека сме сведоци на информирање преку медиумите на јавноста и преку полициските билтени за полициското постапување доминантно. Така ги дознаваме информациите за движењето, за обемот на определена појава, преку интервенциите на полицијата и регистрираните пријави за семејно насилство.

Оваа активност, да речеме, што започна со полициските билтени и со бележењето на пријавите на граѓаните и реакцијата на полицијата во содејство со судот, како и постапувањата на судовите коишто се задолжени со издавањето на итните мерки за заштита, а тоа е отстранување на насилникот од домот – станаа достапни 24 часа.

И тоа е едно позитивно придвижување на системот. Меѓутоа, зборувате за трендови. Секогаш кога набљудуваме определена појава, конкретно феноменот на семејно насилство и насилство врз жени, како облик на казниво однесување, првиот впечаток што е извор на сознанија и активира политики и дополнително загребување по проблемот, се секогаш статистиките, статистиките на кривично-правниот систем.

Кај нас и секаде во светот, статистиките на казнено-правниот систем, а тоа е статистика што ја води полицијата, јавното обвинителство и судот. Овие три статистики, претставени во годишните анализи, а поново во време и во Мак-стат базата на Државниот завод за статистика, не го одразуваат обемот на појавата. Во принцип, статистиките даваат слика за тоа како професионалците во овие институции работат многу повеќе, отколку што даваат слика за обемот на определена појава, во конкретниот случај семејното насилство. Оттука, велиме растечки тренд.

Прашање е дали е растечки тренд или е состојба на загрижени институции под влијание на силните реакции од јавноста за функционирањето на системот, па сега и медиумите како дел од јавната опшествената реакција секојдневно информира за тоа како полиција постапила.

Меѓутоа, мене ми отсуствува информација за тоа како обвинителството постапило и ми отсуствува информација за тоа како судот пресудува и која е постапката со сторителите на насилство врз жени, кои се санкциите кои што стојат на располагање и кои што им се изрекуваат.

Пред десеттина години, од едно истражување, национално и сеопфатно, каде што дел од анализата беше и казнената политика на судовите, на државната, на пропишаната, на судовите, произлегоа фрапантни сознанија дека за кривичните дела при вршење на семејно насилство, ако ги споредиме со останатите кривични дела, произлегува дека доминира условна осуда.

Условната осуда како дел од хуманизацијата на казната, на кривичните санкции, е нешто кон што се движи македонското општество и казнено правниот систем.

Меѓутоа условната осуда без заштитниот надзор, без проверување на однесувањето на сторителот, без ефективна заштита на жртвата, не верувам дека го дава резултатот.

Да се вратам на почетокот, за трендовите што ги, што ги споменувате.

Ние во изминатиот период се соочуваме со една до две жени убиени месечно, и јас укажувам на тоа дека нема толку жени во македонското општество да можеме да си дозволиме фемициди на една, две, и се плашам дека ќе расте тој број на месечно ниво.

Трендот можеби повеќе можеме да го поврземе со реакцијата на полицијата и охрабрувањето на жените да пријават дека ќе има некаква реакција. А за да зборуваме за обем на вистинскиот криминалитет, подобра слика даваат виктимолошките анализи.

Статистиките на државните органи се слика за нивното работење, но отвораат перспектива за проучување на феноменот преку виктимолошки анализи.

Нема толку жени во Македонија да можеме да си дозволиме еден или два фемициди месечно.

Терминот „тренд“ што го употребив, можеби се должи, признавам, на тоа што ние новинарите сакаме понекогаш да ги воопштиме работите, за да ги ставиме во некаков шаблон и на тој начин да го претставиме на публиката, на читателите, на гледачите. Да биде поразберлив.

Секако, апсолутно се согласувам со ова што го кажувате, особено што доаѓа од стручно лице какво што сте вие. Тоа укажува дека овој феномен, на насилство, на фемицид, е една сложена материја која ги опфаќа сите институции, целата таа мрежа од институции за кои вие досега говоревте.

Очигледно е, претпоставувам дека натаму оди вашето размислување, дека во таа мрежа на поврзување на институциите недостасуваат некакви конекции, врски, врзивни ткива, за ефикасно постапување, за да се има целосен увид во тоа што значи тоа, што стои зад таа слика

Дали имате увид во тоа кои се слабостите во тоа поврзување?

Можам само да најавам едно истражување, национално, кое што го работевме со професорката Кенинг ноември минатата година, во секој момент треба да излезе од печат, коешто е засегнато со идентификување на бариерите, на препреките со коишто се соочуваат жените коишто претрпеле насилство, насилство врз жени, во барањето институционална поддршка и заштита.

Не можеме да зборуваме за една одговорна институција. Ова е феномен којшто е длабоко внедрен, длабоко загнезден во општествените текови. Ако сакате во себеразбирањето на членовите, на жителите во македонското општество, и за да можеме да произведеме како систем, како сплет на институции, нема една институција, нема магично стапче на една институција којашто може да го реши проблемот.

Токму заради тоа главниот пристап и принципи на легислативата којашто е солидна, да речем, иако секогаш има место за подобрување, не го дава резултатот во пракса. Една од главните принципи на спречувањето и на борбата со насилство врз жени е токму мултисекторскиот пристап.

Затоа што не можеш да ја решаваш последицата, а притоа сите околности да не се адресираат коишто довеле до последицата и што понатаму. Каде, каков излез да се бара. Единствен излез е да ги зајакнеме жените коишто честопати долги години живеат со семејно насилство, да им овозможиме да излезат од кругот на присилба и контрола, којшто е составен елемент на семејното насилство, каде што се обезличува жената, каде што се изолира од поддршката, потенцијалната поддршка, за да може да се исправи, да застане на нозе, да ја зајакнеме, да може сама да носи одлуки за својот живот.

Тоа е главната идеја на поддршката и процесот, и тоа е процес којшто трае. Процесот којшто институциите се должни, заедно со граѓанскиот сектор да го поддржат.

Жените да излезат од кругот на присилба и контрола на семејното насилство.

Претпоставувам дека од ова истражување што го спомнавте, имате одредени сознанија во кои насоки треба да се барат одговорите.

Нема да инсистирам, веројатно требат излеза истражувањето, па потоа ќе дознаеме многу повеќе за тоа, но може ли само да ни навестите што е тоа што треба во таа мрежа на институции да се постигне за да се намали овој број на насилства, да имаме јасен увид во тоа што се случува.

Јас нема сега да зборувам за истражувањето и за препораките од истражувањето затоа што ќе си има посебна јавна промоција.

Она што мораме да го разбереме е дека ние како општество со семејното насилство, со препознавањето, со вадењето од приватноста на семејниот живот се занимаваме од 2004 година навака, кога за прв пат се воведуваат инкриминации на семејно насилство.

Дваесет години подоцна, речиси дваесет години подоцна, препознаваме насилство врз жените и други обрици на насилство врз жените, и фокусот го ставаме на родовата заснованост. Набљудувањето на семејното насилство, она што е популарна терминологија и во јавноста прифатена надвор од односите на моќ, нееднакви односи на моќ меѓу мажот и жената во општеството, е директна последица на далеку присутната и закоравена родова нееднаквост во општеството.

Не можеме да го набљудуваме семејното насилство како обичен облик на криминал. Тој пристап, надвор од родовата природа, од родовата заснованост, нема да произведе резултати.

Долг пат изодевме како македонско општество и ја се радувам што веќе почнуваме да ја наметнуваме темата за справувањето со семејното насилство и другите облици на насилство врз жените во нивната сеткупност, односно родова заснованост.

Сето тоа директно произлегува од разбирањето на улогата на мажите и жените во општеството, и би рекла широката, сè уште закоравена родова нееднаквост.

Не можеме да зборуваме за професионалци во било кој сегмент од системот, коишто ќе можат да се справат и да спречат идни облици на насилство врз, врз жените, да ја алоцираат одговорноста и да бараат одговорност от сторителот, доколку немаме, не градиме општество на индивидуи и на луѓе коишто ги заучуваме од самото раѓање и низ интеракциите општествените и низ образовниот процес со родовата еднаквост.

Семејното насилство е последица на закоравена родова нееднаквост во општеството.

Ово што го говорите сега, неминовно мене ме води до заклучок дека ни претстои сериозна работа на таа тема луѓето да почнат да се ослободуваат од тој тип на наследство, на доминантна машкост, ситуација во која секогаш страда жената.

Во нашето општество и бројните статистики, тоа преку статистика најмногу се докажува, е докажано дека семејното насилство е машко насилство врз жените. Не ме држете за збор, но во 2014 година, едно истражување, покажа дека 93 проценти од сите сторители на семејно насилство беа мажи, додека 82%, од сите жртви се жени.

Тоа ни укажува дека и тогаш кога мажот е жртва, е насилникот е повторно маж, не жена. Да, и мажите можат да бидат жртви. Меѓутоа, тоа се нашите статистики, што не се далеку од европските статистики. Во Европа 95 проценти од сите сторители на семејно насилство се мажи.

Тоа се бројките. Тоа ни укажува дека таа појава е вкорената, во машката доминација. Дека процесот сега почнува во унапредување на ставовите на општеството.

Наназад години во образовните курикулуми, од основно образование па нагоре, се вметнати содржини за родова еднаквост. Она што претпоставувам дека е проблем, за да можеме да го идентификуваме како проблем, мораме да имаме наод.

Според мене, она што недостасува е редовна евалуација на тие курикулуми и евалуација на тоа како се спроведуваат, како се предаваат, и најнакрај е евалуација на тоа што понесуваат децата од тие образовни курикулуми. Според мене сериозен чекор ефектите од веќе воспоставените курикулуми во образовниот процес мора да се предмет на редовни евалуации на ефектите на три или на пет години.

Спомнувате само еден сегмент од тоа на што треба да се обрне внимание, или образованието. Но, она што јас го заклучувам од ова што го укажувате вие, ќе ме поправите ако грешам, е дека еманципацијата во таа насока, на индивидуалците, на граѓаните и на институциите, не може да оди изолирана едни од други.

Кога веќе зборуваме за мрежа, очигледно дека таа еманципација мора да биде некоја системска еманципација во таа мрежа. Не може едните да се еманципираат, другите да не се ослободуваат од сите предизвици што ги има во справувањето со семејното насилство.

Токму тоа се обидов да го кажам. Најдалекусежната последица, посакувана последица, е во, во структурираниот систем на образование. За професионалците во институциите, утврдени во Истанбулската конвенција, Македонија ја има ратификувано, и во нашите закони исто така стои обврската за задолжителна почетна и континуирана едукација на професионалците.

Да се надоврземе и да изградиме во перспектива општество каде што нема да има толеранција, нема да има прифаќање, минимизирање на насилните акти.

Семејното насилство не е обичен криминал.

Ова ме доведува до уште една ваша констатација кажана на оној настан што го споменав, кога што го употребивте терминот „култура на ненадлежност“, што е недоволно сфатено кај нас. Таа култура на ненадлежност е нешто што им овозможува на одредени сегменти од државните институции да го користат тоа како некое алиби.

Терминот култура на ненадлежност е крик на очај. Затоа што по дефиниција жените коишто претрпеле насилство, кога бараат заштита од институциите, се во една исклучително тешка емотивна состојба и очекуваат дека ова што кампањите го направија во изминатите години, декада нека е, ја подигнаа јавната свест кај граѓаните дека треба да се да се пријави насилството и дека ќе добијат поддршка.

Таквото охрабрување резултираше со барање заштита. Кампањите си го дадоа ефектот во популацијата со барање заштита од институциите.

Истото ова што го кажувам важи и за механизмите за надзор, контрола и евалуација на ефектите од постапувањето на секоја институција. Градењето на институционалните политики во себе вклучува редовен надзор, контрола и евалуација од постапувањето на институциите, конкретно и вклучително за сè што е работа на институцијата, ама со посебно внимание на справувањето со семејното насилство.

Култура на ненадлежност имаме кога отсуствува системски пристап кон едукациите, структурирани едукации на професионалците во системот, коишто можеби и не знаат како да постапуваат, затоа што никој тоа во текот на работата не го адресирал тоа со обуки, сензибилизации.

И најлесно е препрати ја жртвата на друго место. „Не сум јас надлежен“. Тоа е веројатно најлесното „справување“. И она што можеме да го набљудуваме низ и бројните стории и медиумското покривање на индивидуалните случаи во годините наназад, е токму тоа препраќање низ институциите.

Кои се причините за таа култура на ненадлежност, јас можам сега овде да погодувам, затоа што за да ја потврдиме оваа оваа моја хипотеза за култура на ненадлежност, бара едно сериозно, темелно национално истражување за професионалците на системот. Како они ја доживуваат својата улога и како постапуваат со жртвите коишто претрпеле насилство и потоа тоа да го вкрстиме со наративите на жртвите. Што они добиваат од институциите, какво е нивното чувство.

Во култура на ненадлежност каква што имаме, најлесно е: Препрати ја жртвата на друго место.

Отприлика тука доаѓаат и двете прашања што следуваат со кои го завршуваме овој интервју. Едното се однесува на ова што споменавте, обуките што се неопходни во, во институциите што имаат надлежност да се справуваат со ови ситуации. Јас ќе отидам еден чекор понатаму. Дали сметате дека она што со кое сега се соочуваме, со степенот на семејно насилство, отвора прашање за создавање на посебни оддели во Министерството за внатрешни работи чија задача ќе биде само тоа? Да не претерувам?

Специјализацијата е секогаш добра работа. Меѓутоа, МВР е институција којашто работи 24/7, дваесет и четири часови е достапна на граѓаните.

Униформираната полиција е главната превенција на секое однесување коешто нарушува определени права на граѓаните. Апсолутно сум за специјализација, меѓутоа не може да го одземеме мандатот на униформираната полиција којашто е достапна 24 часа за граѓаните, којашто е присутна и којашто интервенира на настани. Со своето постоење, со своето присуство на јавно место или или при интервенција, на повик за било кој облик на криминал, е главната превентивна и репресивна моќ.

Специјализација, да, да се инвестира во специјализација на кадри доминантно од криминалистичка полиција, меѓутоа не да се амнестира и да се апстрахира униформата којашто е 24 часа присутна на терен.

Истото важи за сите за сите останати институции во системот.

Тоа сакав и да ве прашам. Дали тоа може да се преслика и кај другите институции?

Специјализација, да, меѓутоа не само тие специјализирани делови да постапуваат во случаи на насилство врз жени.

Зошто? Мораме да имаме предвид дека овој феномен се случува 24 часа на ден. Не може да се постигне само со само со една или две единици во било која институција на системот.

Овие барања за почетна и континуирана едукација, токму тоа е идејата. Почетна е нешто за сензибилизација за родово чувствително постапување и нешто што сите професионалци во системот мора да го поминат.

Континуираната едукација, веќе има определен призвук на специјализација. Од друга страна, не можеме да очекуваме резултати без доволен број човечки ресурси кои што сакаат да си работат работата. Истовремено и соодветни материјални и технички ресурси за да може да се постигне целта заедно со институционални политики на градење на капацитетите и со постојана евалуација и проверка на ефектот од постапувањата.

Во моето уверување тоа е начинот на којшто треба да пристапиме кон спречување на насилството врз жени и којшто во догледно време може да даде резултати. 

Институциите постојат за граѓаните и нивните потреби и да ги заштитат нивните права, а не обратно.

Јас сакам да го завршим овој интервју со уште една ваша констатација или изјава која силно одекна на тој јавен настап што го спомнав и кој јас го изводив во наслов кога во известувавме од тој настан.

Тогаш рековте: „Жртвата може, но државата не смее да му прости на насилникот“, што не доведува до онаа ситуација да гледаме на насилството од аспект на жртвите и од аспект на државата и да ја препознаеме таа разлика.

Идеjата е дека жртвите се оние кои одлучуваат за својот живот. Државата има позитивна обврска и таа позитивна обврска на државата се протега на спречување на насилство, на семејно насилство, во заштита на животот и телесниот интегритет. Во детално истражување, гонење на насилниците, санкционирање на насилникот и обештетување, правда за жртвите.

Оттука, државата нема привилегија да прости. Државата мора ефективно да ги заврши сите овие чекори. Додека секое постапување во вакви случаи бара одговорност од насилникот и истовремено јакнење на жртвата сама да одлучува за својот живот.

И во тоа јакнење на жртвата, нејзината е одлуката како ќе го води својот живот. И честопати институциите се фрустрирани, професионалците се фрустрирани од постапувањето во случаи кога за жртвата се презема сѐ што им стои на располагање и одеднаш, по некое време, жртвата се враќа кај насилникот. Тоа е нешто што создава фрустрација.

Меѓутоа, подлабокото разбирање на тоа е дека државата, институциите постојат за граѓаните и нивните потреби и да ги заштитат нивните права, а не обратно. Не постои жртвата за да имаме професионалци во системот. И овие професионалци во системот мора да ги преземат сите дејствија, а за волjата на жртвата за сопствениот живот, институциите треба да овозможат жртвата да може слободно да носи одлуки, да нема притисок, да не се наоѓа во ситуација на безизлез, а дали ќе се врати или нема да се врати кај насилникот, дали ќе му прости или нема да му прости, е слободна волja, доколку е слободна волjата на жртвата.

Затоа постојат институциите. Да создадат услови за да излезе од присилбата и контролата жртвата да може слободно да одлучува за својот живот, а притоа да нема економски, социјални, општествени и било какви други притисоци што ја враќаат без нејзина слободна волjа кај насилникот.

Тоа не значи дека државата во секоја пријава нема да ги преземе сите мерки за коишто е обврзана и нема да ја исполни. Тоа е нешто што честопати се заборава, а тоа е, државја има позитивна обврска да ги заштитат правата на граѓаните.

Најчитано