Има ли клуч во куферот на Кошта за „отклучување“ на евриоинтеграциите во регионот, почнува неговата балканска турнеа

Кошта
EPA/OLIVIER HOSLET

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, ја започнува балканската турнеја во пресрет на самитот во Тиват во Ц рна Гора.

Антонио Кошта, ја реализира својата втора турнеја низ Западен Балкан во периодот од 1 јуни до 5 јуни 2026 година. Неговата посета опфаќа клучни регионални центри како Сараево, Тирана, Скопје, Приштина и Белград, со крајна цел копретседавање со самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват, Црна Гора, на 5 јуни.

Како што е најавено, главната агенда на Кошта е фокусирана на поценката на можностите за проширување на Европската унија со фокус на решавање на меѓусоседските отворени прашања, на зајакнување на регионалната соработка, безбедноста и стабилноста, на поттикнување на лидерите од регионот кон испорачување конкретни реформски резултати.

Во една од неговите претходни пораки, како онаа по повод Денот на Европа, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта порача во видео порака дека Северна Македонија има место во Европската Унија, но дека земјата треба да ги исполни преземените обврски, вклучително и уставните измени за впишување на Бугарите во Уставот.

Кошта во пресрет на посетата уште рече дека неговата втора турнеја испраќа јасен сигнал дека посветеноста на ЕУ кон регионот е реална, исто како и можноста за проширување. Неговата порака дека „моментумот е тука“ доаѓа во време кога Брисел сака да покаже дека Западен Балкан не е заборавен, особено во новиот геополитички контекст по војната во Украина.

За Македонија, сепак, таа порака ќе има посебна тежина. Земјата формално ги почна пристапните преговори во 2022 година, скринингот е завршен, но отворањето на првиот кластер останува условено со уставните измени за внесување на Бугарите и други заедници во Уставот. Без тоа, Скопје не може да го направи следниот чекор во преговорите.

Кошта ќе пристигне во Скопје на 2 јуни, каде што е најавена средба со премиерот Христијан Мицкоски. Главното прашање нема да биде дали Македонија декларативно има европска иднина, туку како таа иднина може да се придвижи од блокада кон конкретен преговарачки процес.

Во меѓувреме во Скопје, според изјавите на премиерот и министерот за надворешни работи, Македонија останува цврста во ставот против уставни измени без гаранции, додека во ЕУ се разгледуваат нови концепти за постепена интеграција на регионот, соочени со билатерални спорови и политички блокади.

Најчитано