Нови правила на Светското првенство: ВАР добива поголеми овластувања

ФИФА

Светското првенство во фудбал во 2026 година ќе се игра со нови правила, откако Меѓународниот борд на фудбалските асоцијации – ИФАБ потврди пакет измени со кои се прошируваат овластувањата на ВАР, се воведуваат построги мерки против задржување време и се засилува дисциплинската контрола врз играчите и официјалните лица.

Една од најзабележливите промени е таканаречениот „закон на Винисиус“, насочен против дискриминаторско однесување и прикривање на комуникацијата на терен. Играчите кои за време на конфронтација ја покриваат устата за да не може да се прочита што кажуваат, ќе можат да бидат казнети со директен црвен картон.

ВАР добива поширока улога и ќе може да интервенира при погрешно покажан втор жолт картон, погрешен идентитет на играч, одредени ситуации поврзани со корнер и прекршоци пред изведување прекин. Ова значи дека судиите ќе имаат повеќе технолошка поддршка во ситуации кои досега често предизвикуваа контроверзии, но ИФАБ најавува дека интервенциите мора да бидат ограничени на јасни грешки и да не го забавуваат натпреварот.

Новите правила воведуваат и построги механизми против одолговлекување. При изведување аут или гол-аут судиите ќе користат одбројување од пет секунди, а доколку играчите го надминат дозволеното време, топката ќе ја добие противникот или ќе биде досуден корнер. При замена, играчот што излегува ќе мора да го напушти теренот во рок од 10 секунди преку најблиската линија, во спротивно влегувањето на замената може да биде одложено.

Се менува и пристапот кон повредите. Играч кој добил лекарска помош на терен ќе мора да остане надвор од игра најмалку една минута по продолжувањето, со одредени исклучоци. Целта е да се намали користењето на медицинските прекини како тактичка пауза и да се заштити реалното време на игра.

ИФАБ ги стандардизира и паузите за освежување, кои ќе се користат во одредени услови, а посебно внимание ќе има и на ситуациите кога тимовите се обидуваат да ги искористат прекините за тактички инструкции. Новите правила се дел од пошироката намера фудбалот да стане побрз, појасен за гледачите и помалку зависен од долги прекини и спорни судиски толкувања.

Најчитано