Судечкиот совет од Основен суд Куманово изрече седум и пол години казна затвор за Вангелица Илијевска, откако обвинетата призна вина.
Основното јавно обвинителство на денешното рочиште изврши преквалификација на делото од кривично дело „убиство“ по член 123 во „убиство на миг“ по член 125 од кривичниот законик.
Илијевска пред речиси две години на 13. јуни, 2024 со нож ги уби сопругот Јован и свекорот Стојан.
Јавниот обвинител Газменд Мехмеди рече дека по изготвеното „психијатриско вештачење во однос на психичката состојба на обвинетата, таа дејствувала во состојба на силна и интензивна, нагласена раздразливост без своја вина на која и претходел напад на сега починатиот сопруг, и поради стравот за нејзиниот интегритет и сопствената безбедност, како и силен интензивен афект кои доминирале врз нејзиниот психички апарат, обвинетата била доведена во состојба на експресија и манифестирање на импулсивно агресивно празнење“.
Судијата Саша Ѓорѓевиќ ја поучи обвинетата дека може да се брани со молчење и нагласи дека ако ја признае вината за двете дела, ќе следи затвроска казна и дека тогаш обжалувањето може да биде само за суштинска прашања, евентуално за висината на казната. Тој кажа дека ќе мора да ги плати и трошоците за обдукција, за психијатриско вештаче и побарувањата на семејството на сега починатите, сопруг и свекор.
Обвинетата Вангелица Илијевска го призна делото, кажувајќи дека дејствувала во афект, дека жали за сторените кривични дела.
На судењето и обвинителството и одбраната имаа завршни зборови како и застапникот на оштетените, починатите сопруг и свекор. Обвинителството побара судот да ги земе прeдвид и олеснителните и отежителните околности, одбраната, адвокатот Христијан Георггиевски побара судот да земе предвид дека обвинетата била 15 години жртва на семејно насилство за што во постапката биле доставени докази од релевантни институции, полицијата, центар за социјални работи … дека таа е мајка на две малолетни деца и досега не била осудувана.
Судскиот совет донесе пресуда од седум и пол години затворска казна, сметајќи го и времето на обвинетата поминато во куќен притвор, нагласувајќи дека притворот ќе продолжи сè до правосилноста на одлуката. Судијата Ѓорѓевиќ потенцираше дека судењето траело долго за да бидат опфатени сите докази.
