Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) утврди неправилности кај повеќе млечни производи од различни млекарници и брендови, при што лабораториските анализи покажуваат значителни отстапувања од вредностите наведени на декларациите, објави Скопје1, повикувајќи се на неофицијални резултати.
Според податоците што ги пренесува „КУРИР“, меѓу производите кај кои се утврдени отстапувања се мешан кашкавал од Млекара „Милком“, каде што декларираната млечна маст од 34,5 проценти е измерена на 30 проценти, како и мешано сирење од Млекара „Маврово“, со декларирани 24,5 проценти, а измерени 17,5 проценти млечна маст.
Кај Млекара „Сентис АГ“ од Тетово, кај УХТ млеко е утврдена разлика во содржината на млечна маст (3,2 проценти декларирано наспроти 2,85 проценти анализирано), како и кај протеините (3,5 наспроти 3 проценти). Кај киселата павлака се наведува намалување на млечната маст од 18 на 14 проценти.
Во случајот со Млекара „Ѓорѓиеви“, кај козјото сирење се регистрирани отстапувања во млечната маст (23 наспроти 16,3 проценти) и протеините (18,8 наспроти 14,6 проценти), додека кај увозното „Златиборско ситно сирење“ од ПК „Златибор“ (Србија) е забележана најголема разлика – 14,3 проценти декларирана млечна маст наспроти 1,19 проценти измерена.
Кај урда од бренд „Бела фарм“ од Србија (Хомоље) е утврдена млечна маст од 25 наспроти 5,54 проценти, додека кај кравјо сирење од бренд „Продукт“ се регистрирани разлики и кај мастите и протеините. Тетовската млекара кај мешано сирење има отстапување од 23 наспроти 19,8 проценти млечна маст.
Кај Млекара „Норд милк“ е утврдено дека млечната павлака со пиперка е позитивна на присуство на растителни масти, што исто така претставува неправилност во однос на декларацијата.
Надлежните институции најавуваат дополнителни контроли и проверки за утврдување на целосната состојба на пазарот и заштита на потрошувачите.
