Обезбедувачот на премиерот доби условна казна за претепување на сопругата

Обезбедувачот на премиерот доби условна казна за претепување на сопругата, откако на денешното рочиште во Основниот кривичен суд признал вина за кривичното дело „Телесна повреда“ во случајот што претходно беше пријавен како семејно насилство.

Според објавените информации, станува збор за Р.Р., вработен како обезбедување во Владата, кој бил обвинет по член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. По признанието на вина, судот му изрекол условна осуда, односно казна затвор од една година и шест месеци, која нема да се изврши доколку во рок од три години не стори ново кривично дело.

Случајот почна на почетокот на мај, кога сопругата го пријавила за физички напад во семејниот дом. По пријавата, јавноста дозна дека станува збор за лице од поширокото обезбедување на премиерот Христијан Мицкоски, што дополнително ја засили политичката и институционалната тежина на случајот.

Претходно, Кривичниот суд му одреди осум дена притвор, а Обвинителството отвори постапка за телесна повреда во контекст на семејно насилство. Дел од медиумите објавија и детали дека нападот се случил пред малолетно дете, како и дека на оштетената ѝ бил оштетен телефонот, но судската пресуда се однесува на кривичното дело за кое обвинетиот признал вина.

Премиерот Мицкоски, по првичните информации за случајот, изјави дека институциите постапуваат и дека законот треба да важи за сите. Но, пресудата повторно ја отвора јавната дилема за тоа како системот ги третира случаите на семејно насилство, особено кога обвинетиот е лице поврзано со државно обезбедување.

Во оваа постапка, судот донел одлука врз основа на признание на вина. Формално, случајот доби судски епилог. Јавно, пак, останува прашањето дали условната казна испраќа доволно силна порака дека насилството во домот не е приватна работа, туку кривично дело со сериозни последици.

Најчитано