СДСМ реагираше по објавите за отворање предмет за поранешниот директор на Царинската управа, Стефан Богоев, оценувајќи дека случајот се отвора во ист ден кога претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, од Скопје повтори дека уставните измени остануваат неопходен чекор за формално отворање на преговорите со Европската Унија.
Од опозициската партија тврдат дека тајмингот на случајот отвора сомнежи за политичка позадина и за обид за дефокусирање на јавноста од европските пораки упатени кон Владата. Според СДСМ, посетата на Кошта уште еднаш ја потврдила нивната теза дека без внесување на малцинствата во Уставот нема поместување од мртва точка во евроинтегративниот процес.
Партијата ја обвини Владата дека наместо реформи и напредок кон ЕУ, произведува политички спектакли и јавни најави за истраги и апсења. Во соопштението се наведува дека премиерот Христијан Мицкоски со денови јавно зборувал за можни постапки, што за СДСМ е дополнителна причина за сомнеж во политичко влијание врз правосудниот систем.
СДСМ во реакцијата повторно отвори и други прашања поврзани со корупциски случаи за кои партијата тврди дека нема институционален одговор. Меѓу нив ги наведува случаите со тендери што во изминатиот период ги објавуваше партискиот антикорупциски тим, како и прашања поврзани со организиран криминал и одговорност на функционери блиски до власта.
Во исто време, партијата наведува дека законот треба да важи еднакво за сите и дека секој што го прекршил мора да одговара, без оглед на функцијата, партиската припадност или политичкиот статус. Но, според СДСМ, токму за тоа се потребни независно судство, независно обвинителство и поголема соработка со Европското јавно обвинителство.
Пораките на Кошта, пак, ја вратија домашната политичка дебата на централното европско прашање. Претседателот на Европскиот совет во Скопје порача дека усвојувањето на договорените уставни измени останува неопходниот следен чекор за формален почеток на пристапните преговори и дека тоа е патот за отклучување на придобивките од членството во ЕУ.
